Со фалсификувана службена исправа експлоатирале минерални суровини од Дебрца

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „незаконита експлоатација на минерални суровини“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против правниот субјект „Бокоп“ од струшкото село Боровец и против овластеното лице Н.И. (49) од истото село. Во врска со казненото дело „Фалсификување службена исправа“, во пријавата опфатено е и лицето Ѓ.Д. (61) од Охрид вработен во ГД „Гранит“ АД – Скопје.

На 18-ти август оваа година, на локалитетот „Црвена Вода“ општина Дебрца, со работни машини сопственост на „Бокоп“ извршена е незаконска експлоатација на минерални суровини односно бесправен ископ на чакал. Експлоатацијата на минералните суровини определена со закон, „Бокоп“ го извршил без концесија односно дозвола за таа дејност, по што чакалот го транспортирал до селото Црвена Вода каде изведувал градежни работи за реконструкција на одводен канал до водната комора на ХЕЦ „Песочани“. На тој начин биле пренесени околу 50м³ чакал со што правниот субјект се стекнале со противправна имотна корист од 30,000.оо денари предизвикувајќи штета на Република Македонија.

Третопријавениот Ѓ.Д. во својство на службено лице административен извршител, вработен во ГД „Гранит“, на 17-ти август годинава, со внесување на лажни податоци изготвил согласност-акт со невистинита содржина, кој архивиски не го евидентирал во евиденциите на ГД „Гранит“ АД Скопје. Потоа направил фотокопија од актот и свесно, со умисла, им го отстапил на сопствениците на „Бокоп“ ДОО – Боровец кои како вистинска ја презентирале до СВР Охрид, а оригиналот го уништиле, прикриле, оштетиле или на друг начин го направиле неупотреблив.