Министерот Адеми присуствуваше на настанот „Градиме Мостови“

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми заедно со амбасадорите на Швајцарија и Холандија, Стефано Лазарото и Вотер Пломп и заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ, Мариане Берец, присуствуваше на хепенингот организиран по повод годишниот настан „Заедно градиме мостови“. Адеми во оваа прилика истакна дека богат е оној човек кој има многу пријатели, кој ги разбира иако имаат различен мајчин јазик и иако припаѓаат на различна етничка заедница.

„Нашата земја е пример како треба да се е гради, негува и почитува мултиетичноста. Проектот „Градиме мостови“, реализиран од страна Министерството за образование и наука, ОБСЕ и Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија, придонесува уште повеќе во зацврстување на тој фундамент на нашето општество. Преку заедничките активности кои вклучуваат ученици од различни етнички заедници и различни наставни јазици, се зголемува меѓусебното разбирање и интеграцијата на децата во училишната средина“, рече Адеми.

На настанот присуствуваа повеќе од 700 ученици од 30 училишта, добитници на грантовите на фондот „Градиме мостови“.

„Уверен сум дека тука меѓу Вас, има многу пријатели од различна националност, а кои воопшто и не обрнуваат внимание на тоа, затоа што играта и другарувањето ви се пре се. И знам дека многу лесно се разбирате, бидејќи пред Вас нема никакви бариери и пречки. Ние треба да учиме од Вас! Вие сте нашиот пример како навистина се „градат мостови“!“, рече Адеми.