Проектот за обнова на фасадите се одвива според планот

Проектот за обнова и конзервација на фасадите на објекти од староградска архитектура во градовите низ Македонија се спроведува според планираната динамика – истакна денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која на прес-конференција соопшти кои објекти ќе добијат обновена фасада во 2015 година.

Со проектот, кој почна во 2012 и треба да заврши во 2017, предвидено е да се реставрираат 250 фасади на споменици од културата, со цел да се врати нивниот автентичен изглед. Обновата на фасадите ја реализираат стручни екипи од конзерваторските центри и од заводите за заштита на спомениците на културата.

„Наша цел беше преку овој проект да ја зачуваме автентичната македонска архитектура, да го зачуваме сјајот на овие градби кои со својата убавина го материјализираат духот на градовите во кои се наоѓаат и нѐ потсетуваат на значајни личности и настани од нашата вековна историја и традиција. Овие градби сведочат за различните влијанија, за варијациите и стиловите во архитектурата на времето во кое се создавани“ – рече Канческа-Милевска на прес-конференцијата на која присуствуваа и директори на заводи и музеи од Струмица, Охрид, Штип, Гостивар и од Конзерваторскиот центар – Скопје.

Информирајќи за акцискиот план за 2015, министерката рече дека Националниот конзерваторски центар ќе изврши санација на три фасади, една во чаршијата во Кичево и две на објекти во Куманово.

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола ќе ги санира фасадите на објектите на гимназијата „Јосип Броз-Тито“, Средното музичко училиште и Безистенот. Заводот од Охрид ќе ги обнови фасадите на куќите на Ѓурчинови и Димзови и на објектот во кој е сместено Радио Охрид, штипскиот завод ќе ја обнови фасадата на куќата на Личкови во штипско Ново Село, а струмичкиот завод ќе изврши санација на фасадата на Историскиот архив во Струмица.

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп оваа година треба да ја санира фасадата на куќа на ул. „Нико Доага“ во Крушево и ќе работи на проект за санација на фасадата на крушевска куќа на ул. „Коча Миленку“, Конзерваторскиот центар – Скопје ќе ги обнови фасадите на два објекта на „Илинденска“, а во текот на 2015 година ќе бидат изработени и пет основни проекти за конзервација и реставрација на објекти во Старата скопска чаршија. Конзерваторскиот центар од Гостивар, пак, ќе работи на изработка на основните проекти за обнова и конзервација на фасадите на девет објекти од старата архитектура на Гостивар.

„Оваа година ќе започнеме и со проектот за обнова на куќата на Татарчеви во Ресен, во која ќе биде изложена богата музејска поставка на експонати која ќе биде сведоштво за животниот пат на еден од основачите на ВМРО“ – рече Канческа-Милевска.

Таа посочи и дека се донесени повеќе закони за зачувување на старите градски јадра на Охрид, Кратово, Крушево, Старата скопска чаршија и најави дека до крајот на овој месец во владина процедура ќе влезе и законот за заштита на старото градско јадро на Битола.