Градоначалникот Бакрачески вршеше прегледи на охридскиот плоштад по повод Светскиот ден на срцето

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на срцето, градоначалникот Никола Бакрачески заедно со колегите од матичната установа- Заводот за кардиоваскуларни заболувања, денеска на градскиот плоштад во Охрид , вршеше прегледи и даваше лекарски совети за здравјето на срцето на сите охриѓани кои се одзваа на активностите што по повод овој ден трета година по ред заедно ги организираат Заводот и Општина Охрид.

Првиот човек на градов кој по професија е лекар – кардиолог, и кој и покрај бројните градоначалнички обврски и ангажмани секогаш е тука за своите пациенти и сите луѓе кои имаат проблеми со срцето, денеска неколку часа љубезно ги слушаше охриѓани им вршеше прегледи и даваше лекарски совети. Бројните граѓани пак, и покрај тоа што веќе извршиле прегледи и добиле совети од други лекари вработени во Заводот, со доверба му пристапуваа на својот доктор Бакрачески и чекаа на ред тој да ги прегледа.

Градоначалникот и доктор Бакрачески , денеска подвлече дека болестите на срцето и на крвните садови и понатака се причина број еден за смртноста во земјава, односно секој втор починат, умрел од кардиоваскуларни заболувања.

„Имено, од околу 19.000 луѓе колку што умираат годишно во Македонија, околу 11.000 починале како последица на болести на срцето и крвните садови, или овие болести во вкупната стапка на смртност во Македонија учествуваат со 57,8 отсто. Срцевите заболувања и мозочните удари се водечка причина за смртност во Светот и се одговорни за 17.3 милиони изгубени животи годишно. Овие бројки сигнализираат на неопходноста од подигање на јавната свест за справување со ризик факторите во кои спаѓаат и животните навики. Тоа е и мотото на овогодинешната акција на светскиот ден на срцето „Создавања на околина за здраво срце“. Тоа значи дека со менување на животните навики , со менување на навиките од околината, на местото во кое работиме, каде што живееме или се рекреираме , со секојдневно воведување на што повеќе физичка активност што ја препорачуваат докторите и со отстранување на лошите животни навики односно ризик факторите ние ја намалуваме можноста за кардиоваскуларни заболувања. А такви ризик фактори се прекумерна консумација на сол, на шеќер кај дијабетичари, пушење и стрес. Со промена на животните навики може да влијаеме и со тоа да ја намалиме веројатноста односно можноста од појава на кардио васкуларни заболувања“– изјави градоначалникот д-р Бакрачески.

Доктор Маре Зимбова од Заводот за кардиоваскуларни заболувања истакна дека интересот на охриѓани за вакви настани од година во година расте и тие во се поголем број стануваат дел од оваа акцијата.

„Како здравствена установа, Денот на срцето започнавме да го одбележуваме пред неколку години а пред три заедно со општина Охрид. Бројот на граѓани кои доаѓаат да се прегледуваат на овој ден од година во година расте. Ако нивниот број минатата и претходната година беше задоволителен годинава е значително поголем. Охриѓани па и странци со несмален интензитет постојано доаѓаат и се прегледуваат“, вели д-р Зимбова.

Заводот за кардиоваскуларни заболувања повеќе од три децении успешно работи во Охрид а негова специјалност е превенцијата , третманот и рехабилитацијата на кардиоваскуларните заболувања. Во текот на овие децении во оваа установа се лекувале неколку стотици илјади пациенти и се изведени безброј превентивни, дијагностички прегледи, третмани и лекувања во интензивна нега и салата за кардиологија.