Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром го забележа премиерниот триумф во новата сезона од АБА лигата. Металците во СЦ „Јане Сандански“ во 2 коло од регионалата лига го декласираа српскиот прволигаш Металац со 93-67.
Со доминатна игра во сите 40 минути од средбата кошаркарите на МЗТ Скопје заслужено стигнаа до првиот сезонски триумф во регионалното друштво.
Враќањето во тимот на повредениот плејмејкер Марко Љубичиќ веднаш се почувствува во играта на „металците“.
Сите линии во тимот фукционираа многу подобро отколку на стартниот меч во Љубљана.
Само во првите 10 минути гостите од Ваљево беа рамноправен противник на МЗТ Скопје на дуелот во „Јане Сандански“, во другите три делници до израз дојде квалитетот на македонскиот шампион.
Во одличниот тим на МЗТ Скопје најрасположени за постигнување на поени беа Дреновац со 17, Љубичиќ со 16 и Луковиќ и Дамјан Стојановски со по 14 уфрлени коша.
Избраниците на Алеш Пипан немаат време за прослава на првиот триумф, бидејќи веќе во вторник во Белград гостуваат кај неколкукратниот освојувач на АБА лигата, Партизан.