Промовирани нови наслови од три книжевни проекти

Нова книжевна едиција промовираа денеска Владата на РМ и Министерството за култура – Антологија на светската поезија, која ќе има пет тома со 150.000 стихови од околу 400 поети. Претставен беше првиот том кој ги опфаќа најстарите поетски творби на човештвото – од Месопотамија во 20 век п.н.е до стар Рим, 4 век од наша ера.

Нова книжевна едиција промовираа денеска Владата на РМ и Министерството за култура – Антологија на светската поезија, која ќе има пет тома со 150.000 стихови од околу 400 поети. Претставен беше првиот том кој ги опфаќа најстарите поетски творби на човештвото – од Месопотамија во 20 век п.н.е до стар Рим, 4 век од наша ера …

Покрај новата едиција, денеска беа промовирани и три тома од едицијата „Македонски искушенија“ кои се однесуваат на периодот до 19 век, а се темелат на документаниот серијал прикажан на МРТ, како и уште 12 тома од едицијата „Превод на дела од македонската книжевност на шест странски јазици“ низ антологиски приказ, со што бројот на објавени дела во проектот кој треба да ја приопшти македонската литература на светот достигна 32.

„Фактот што првпат на една иста промоција презентираме дела од три различни проекти, јасно говори за динамиката со која се работи, за нашиот пристап, влог и напорна работа паралелно да спроведеме што повеќе значајни проекти за македонската култура“, истакна премиерот Никола Груевски.

Тој посебно укажа на значењето на едицијата „Македонски искушенија“ со која, како што рече, делумно ќе се надокнади пропуштеното во минатото.

„Овој преокт е симбол на нашите намери автентично да се отслика македонското минато и историја преку записот на нашите историчари и преку наши домашни документарни филмови. Еден ваков проект беше неминовно потребен во нашата држава, пред се поради фактот што долги години наназад беше направена една голема дупка во она што се нарекува македонски поглед за историјата на Македонија“, истакна Груевски.

Трите тома, кои ги престави историчарката Виолета Ачковска, се однесуваат на историјата на Македонија во предосманлискиот и османлискиот период, со севкупна разработка на општествените, политичките, економските и културните прилики на овие простори.

За новата едиција – Антологија на светската поезја, Груевски посочи дека е внимателно направен избор на поезија уште од времето кога луѓето првпат почнале да запишуваат стихови.

„Како дел од оваа антологија, во пет томови сортирани се делата на мноштво древни автори од Месопотамија, Мала Аазија, Кина, Индија, Хелада, Персија и Рим. Станува збор за поезија стара неколку илјади години, застапени се многу поетски светови, многу поетски стилови, знајни и незнајни автори, пишувана на многу древни, исчезнати и современи јазици. Сета таа историска низа и богатство од стихови првпат се појавува на македонски јазик“, рече Груевски.

Претставувајќи ја новата едиција Ратко Дуев, член на стручната редакција, соопшти дека вториот том ќе го опфати периодот од 5-ти до 15 век, третиот ќе ги претстави поетите од 16-ти и 17 век, четвртиот за 18 и 19 век и петтиот – поезијата од 20-ти и 21 век.

За проектот „Превод на македонската литература низ антологиски приказ на шест јазици“ премиерот рече дека се очекува да заврши на крајот на оваа година. Оваа едиција, рече тој, е обратна насока – да му се доближи на светот македонската литература, како што со другите проекти светската книжевност му е достапна на македонскиот читател.

Во овој проект на НУБ „Св. Климент Охридски“, кој го претстави Јовица Тасевски-Етернијан, во антологиска форма е претставено најрепрезентативното од македонската литература. Томовите, од кои денеска беа промовирани 12 нови, опфаќаат седум жанрови (поезија, расказ, драма, роман, критика, есеј и литература за деца) на шест најраспространети јазици во светот – француски, шпански, германски, руски, кинески и арапски. Претходно, интегрално беше преведена на англиски јазик целата едиција „130 тома македонска книжевност“.

Покрај овие, се реализираат уште три книжевни проекти: едициите „Ѕвезди на светската книжевност“, „Нобеловци“ и „Врвовите на светската филозофија, историја и психологија“.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека преку овие капитални проекти Владата и Министерството за култура успеваат да ја поткренат и свеста за важноста на јазикот како базичен фактор на националниот идентитет.

„Преку преводите на делата, нашиот, македонски јазик, се вклучи во мапата на искусните јазици кои се подготвени преку преводот да го примат и да го апсорбираат најдоброто од сите светски книжевности, од најстарите дела и цивилизации, до најновите, постмодерните дела и култури. Овие проекти ги поткренаа и издавачките стандарди во нашата држава. Затоа, придобивките од овие проекти се повеќекратни, тие се наследство за нашите идни генерации“, истакна Канческа-Милевска на промоцијата на новите наслови од три книжевни едиции.