Монографија „Курбиново“ – прв од 10 тома избрани дела на академик Цветан Грозданов

Во пресрет на одбележувањето 80 години од раѓањето на академик Цветан Грозданов идната година, Македонската академија на науките и уметностите ќе објави десеттомен избор од неговото творештво. Првиот том го промовираше денеска – преобјава на монографијата „Курбиново“, која првпат се појави во двојазично, македонско-англиско издание во 2006 година. До крајот на годинава МАНУ ќе промовира и втор том (за свети Наум) од избраните дела на Грозданов.

Монографијата ја објавија МАНУ и „Матица македонска“ со финансиска поддршка од Министерството за култура. Посветена е на црквата „Свети Ѓорѓи“, споменик на византиската уметност од 12 век во преспанското село Курбиново, која не била проучувана до средината на 20 век. Публикацијата содржи и статии од Грозданов за други цркви во Преспа – од почетокот на 11 век, кога била седиште на Самоиловата држава и на Патријаршијата, се до доцниот 14 век. Ктиторот на „Св. Ѓорѓи“ е непознат и се претпоставува дека бил локален велможа. Црквата била живописана во 1191 година, еден век по пропаѓањето на царството на Самоил.

Токму фреските во црквата, кои се дело на врвен мајстор од предренесансниот период, ја прават препознатлива и предизвик за византолошката наука – претставите на архангелите Гаврил и Михаил, свети Кирил и Методиј, свети Климент, фреската Вознесение на Богородица… Монографијата содржи и студија за фрескоживписот на Сливничкиот манастир, во која се наоѓа најстарата зачувана фреска за Седмочислениците, студија во која се проучува фрескоживописот во црквата „Св. Петар“ на островот Голем Град, во која е илустрирана „Опсадата на Цариград“…

Промовирајќи го изданието, претседателот на МАНУ Владо Камбовски истакна дека Преспа била средиште и крстосница на значајни уметнички влијанија, која не само што ги примала, туку и ги емитирала на овие простори.

„Истражувањето на академик Грозданов на Курбиново има непроценливо значење за формирањето на ставот на современата наука, дека христијанската ликовна уметност во Преспа, како и во Нерези, ни оддалеку не би можела да се систематизира во категоријата на провинцијална уметност туку, напротив, за врвен уметнички дострел, специфичен и врзан за нашиот културен простор“ – истакна Камбовски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека монографијата содржи заклучоци кои се впечатливи, надмоќни и недвојбени зашто се засновани на извонредното познавање на Грозданов на спомениците од средниот век, нивните историско-уметнички, ликовни, естетски, книжевни, иконографски и идејни особености.

„Монографијата потврдува дека меѓу истражувачите на нашата средновековна историја, уметност и култура, Цветан Грозданов се издвојува како исклучителна појава, поради неговиот опус и трајните вредности кои се прифатени и вреднувани како врвни достигнувања на балканската и на европската византолошка наука. Целиот свој живот Грозданов го посвети на принципите на високата наука во откривање и толкување на научните вистини и остави неодминлив и силен авторски печат во македонската историографија, балканската и светската културна историја “– рече Канческа-Милевска.

Таа додаде дека делото на Грозданов е пишано сведоштво за богатото културно наследство што го поседува Македонија и дека им служи на стручните лица кои интензивно работат на проектот на Владата на РМ и на Министерството за култура за конзервација на архитектурата и фрескоживописот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.

Авторот, академик Грозданов, рече дека црквата „Св. Ѓорѓи“ денес се вбројува во секоја светска историја на ренесансната уметност како ремек-дело на 12 век, а до 1940-тите години се сметала за рурална, селска црква од 17 век. Нејзината вредност е откриена со аналогија на стиловите во црквите во Охрид и Костур, а точно е датирана кога истражувачи во неа откриле оригинален натпис дека живописувањето почнало во април 1191 година.

03_promocija_Kurbinovo 01A_640x400_promocija_Kurbinovo 07A_promocija_Kurbinovo