Преку грантот за самовработување досега се отворени над 7.250 бизниси, а до крајот на годината ќе бидат отворени уште 400. Една третина од нив се основани и управувани од жени, а исто толку од лица помлади од 29 години. Над 70 проценти од нив се се уште активни и голем дел од нив се развиваат во бизниси со двајца, тројца или повеќе вработени.
„Микро и малите компании се значаен сегмент од македонската економија. Тие отвораат значаен број работни места во Република Македонија. Со грантот за самовработување кој Владата на РМ го реализира од 2007 година се поддржува растот и развојот за формирање нови мали компании во Македонија и намалување на невработеноста“, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната церемонија на доделување од Програмата за самовработување.
Досега, рече тој, се отворени над 7.250 приватни компании преку грантот за самовработување заклучно со овој месец. До крајот на годината ќе бидат отворени уште околу 400 нови. За годинава предвидовме поддршка на 900 невработени лица да формираат сопствен бизнис, да се самовработат, да ја реализираат сопствената бизнис идеја со грант за самовработување од 3.000 евра и со тоа да се отворат околу 1.000 нови работни места. Вкупните средства, додаде, кои се предвидени за реализација на овој проект за 2015 година изнесуваат 202 милиони денари.
„Ова е голема поддршка за македонската економија и голема поддршка за невработените лица во нашата држава за да се самовработат и да ја реализираат сопствената идеја. Овие учесници кои денеска ќе ги добијат сертификатите за завршената обука имаат можност и понатаму да ги користат некои од мерките кои ги реализира Владата на Република Македонија преку проектот „Македонија вработува“ преку кој што можат да добијат и ослободување од плаќања социјални придонеси за секое ново и дополнително вработување“, рече Спасов.
Претставничката на УНДП во Македонија Луиза Винтон вели дека овие грантови се можност да се помогне во отворањето многу мали бизниси.
„Сметаме дека го најдовме навистина успешниот концепт со кој им помагаме на луѓето да преминат од невработени во сопственици на мали бизниси. Особено сме горди што една третина од овие мали бизниси се водени и управувани од жени и се во сопственост на жени и што една третина од бизнисите се во сопственост на луѓе помлади од 29 години. Ова покажува колку еден успешен механизам како малите бизниси дава можност за вработување нови луѓе и секако за вработување и на луѓе кои тешко доаѓаат до работа“, рече таа.
Додаде дека уште поважно е што голем дел од овие мали бизниси вработуваат дополнителни луѓе што, како што потенцира, уште еднаш покажува колку се важни малите бизниси како двигател на економијата и можност за развој на една држава.
Слободанка Алексовска, раководител на Центарот за вработување во Скопје рече дека покрај големата бројка отворени нови бизниси, од големо значење е што голем дел од нив или над 70 проценти се уште активни и голем дел од нив исто така се развиваат во бизниси со двајца, тројца и повеќе вработени.
Директорот на Агенцијата за поддршка на претприемништвото Мустафа Мандал истакна дека институцијата со која раководи учествува во делот на советување и изработка на одржливи бизнис планови. Нашата улога во овој проект, рече, не завршува со доделувањето ваучери, односно средствата за самовработување, туку ние сме подготвени и натаму да им помагаме на овие лица кои отвориле сопствен бизнис во првите години на нивното работење.