МЗТ Скопје поразен од Партизан

Кошаркарите на нашиот шампион МЗТ Скопје Аеродром пропуштија шанса за голем триумф над најтрофејниот тим во регионалната АБА лига Партизан и тоа во Пионир во Белград.

Металците загубија со 72-69 (23:25, 15:24, 17:12, 17:8) иако во третата четвртина имаа убедлива предност од +13 кошеви, забележувајќи го на крајот вториот неуспех во регионалното друштво.

Учениците на Пипан одиграа три одлични четвртини против подмладениот тим на Партизан, но лошиот финиш беше клучен за вториот пораз во сезоната во АБА.

Плејмејкерите на МЗТ Скопје во последните 12 минути од средбата имаа големи проблеми во организацијата на нападите, поради тоа што домаќините заиграа многу поцврсто и по организирано во одбраната, по што предноста на МЗТ се намалуваше и на крајот Партизан стигна до среќен триумф од 72 – 69. Кошаркарите на нашиот шампион на дуелот во Пионир имаа дури 21 загубена топка, што на крајот се покажа како клучен фактор за минималниот пораз.

Во редовите на МЗТ Скопје Аеродром најефикасни беа Дамјан Стојановски со 14, Буниќ со 13 и Љубичиќ со 12 поени и 6 асистенции.Но, стартниот плеј на металците на крајот испадна и трагичар на мечот, поради направената техничка грешка и петтиот фаул во моментите кога се одлучуваше прашањето на победникот на дуелот во Пионир.

Кај победникот Партизан, прв стрелец беше младиот Вања Маринковиќ со 16 кошеви, Цветковиќ постигна 15 а двоцифрен број на поени постига и искусниот Витковац. Нашиот млад репрезентативец Андреј Магдевски кој летово се врати во тимот на Партизан, одигра скромни 11 минути во кои успеа да постигна само 2 поени.

Следниот натпревар во АБА, МЗТ Скопје го игра веќе в петок во Сремска Митровица против домаќинот Мега Лекс.