Претседателот Ѓорге Иванов ги прими членовите на владиниот тим за странски инвестиции за да размени идеи, мислења и иницијативи со кои ќе се засили економската агенда во рамки на неговите дипломатски активности.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министрите без ресор задолжени за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, Горан Мицковски, Веле Самак и Фуркан Чако, како и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, пред претседателот Иванов ја претставија стратегијата за обезбедување зголемен прилив на странски директни инвестиции по земји, региони, и пазари, како и чекори од стратегиите за промоција на извозот на Република Македонија.
Како што соопшти Кабинетот на Претседателот на РМ, на средбата биле одредени таргет-државите кои би требало да се посетат во наредниот период, со цел меѓусебно интензивирање на контактите и унапредување на правната рамка, создавање соодветни услови за потенцијалните инвеститори, како и услови за пласман на македонски производи.
„Претседателот Иванов изрази подготвеност за поддршка и помош на владиниот тим во насока на воспоставување контакти со одредени земји кои се потенцијални инвеститори во Република Македонија, обезбедување информации за пристап до меѓународните пазари и олеснување на извозно ориентирани компании во наоѓање на странски деловни партери. Македонскиот претседател информираше дека средба со иста цел ќе биде остварена и со претставниците на македонската бизнис-заедница чии компании се извозно ориентирани со цел да ги слушне и нивните потреби и интереси, по што Кабинетот на Претседателот ќе пристапи во реализација на договореното, со подготовка на посети на држави кои се одредени како приоритетни“, соопшти претседателскиот Кабинет.
Претседателот Иванов и досега практикува на маргините на сите негови официјални и работни посети на држави да се организираат бизнис-форуми на кои се презентираат можностите и поволностите за инвестирање во Република Македонија.
„Согласно изборната програма, македонскиот претседател врши редовни консултации со претставниците на бизнис-заедницата и со релевантните министерства, за тоа каде може да се пласираат македонските производи во светот. Во насока на унапредување на македонската економија, при секоја службена и официјална посета во странство, како дел од делегацијата на претседателот Иванов се селектираат и млади претприемачи, предложени од претпријатијата и од стопанските комори“, информира Кабинетот на претседателот Иванов.