Непознат сторител извршил тешка кражба во црквата „Св. Илија“ во струшкото село Радожда. Казненото дело, засега непознатиот сторител го извршил во периодот од втори до десетти овој месец употребувајќи подесен остар предмет со кој насилно делувал врз бравата од влезната врата.
Откако значително ја оштетил бравата, сторителот на овој вандалски чин успеал да ја отвори влезната врата и да влезе во внатрешноста на црквата. Потоа извршил пребарување, од олтарот и одзел четири резбани столпчиња со должина од два метри и ширина 15 сантиметри и две резбани царски двери.
На местото на настанот , извршен е увид. Полициската станица од Струга презема мерки за расчистување на случајот и идентификација на сторителот.