Претседателот Иванов во посета на македонскиот Културно-информативен центар во Софија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во рамки на работната посета на Бугарија, го посети Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, кој годинава одбележува јубилеј 10 години од функционирањето.

На средбата со директорот на Центарот Васко Шутаров се разговараше за дејноста и за досегашните активности на КИЦ. Претседателот Иванов упати честитки за досегашната работа на Центарот, кој е вистински репрезент на македонската култура во Бугарија.

Шутаров, посетата на претседателот Иванов на македонскиот храм на културата овде во Бугарија ја смета за охрабрување на културната дипломатија и поддршка на нивниот 10-годишен труд и постоење во Софија, кој е веќе препознатлив на културната сцена во бугарската престолнина, но и ширум Бугарија.

Во изминатиот десетгодишен период, истакна Шутаров, во КИЦ се реализирани преку 350 културни настани, преку 600 културни работници биле наши гости, а на уште толку проекти биле поддршка или партнери. Годинава со поддршката на Министерството за култура, рече Шутаров, имаат исклучително богата јубилејна програма со гостувања на македонски врвни оперски имиња, уметници и исклучително значајни книжевници.

„Благодарение на поддршката на Министерството за култура за поттикнување на преведувањето на македонски автори на странски јазици веќе се потпишани седум договори за преводи на македонски автори на бугарски јазик меѓу кои дел се веќе издадени. Од печат илезе „Ѕвездениот корен” од академик Анте Поповски, за кој догодина ќе одбележиме 85 години од неговото раѓање”, рече Шутаров.

КИЦ благодарение на своето 10-годишно постоење и богатата програма, веќе има бројна публика која може да исполни камерни простори, но и простори кои собираат повеќе илјади посетители, нагласи Шутаров. Годинава, оствариле пробив на културната понуда во многу други градови во Бугарија, а особено го издвои Пловдив, кој е европска престолнина на културата за 2019 година.

Шутаров најави дека до крајот на годината ќе бидат домаќини на уште три изложби, два музички настани, а на крајот на годината ќе бидат претставени на саемот на книгата во Софија.

На 22 октомври во протсториите на КИЦ ќе биде отворена изложба на академскиот сликар Коле Манев насловена „Неспокој – спокој”. Инаку, по повод посетата директорот на КИЦ Шутаров на претседателот Иванов му подари врамен плакат посветен на 10 годишнината од функционирањето на КИЦ.

Со посетата на КИЦ на Република Македонија во Софија, претседателот Иванов ја заврши работната посета на Бугарија.

KIC_01