Со предлог буџетот за 2016 година ќе се овозможи историски највисоко ниво на инвестиции, ќе се зголемат пензиите и надоместоците за социјална помош, а буџетскиот дефицит ќе се намали од 3,6 на 3,2 проценти од БДП, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Во образложението за Предлог-буџетот за 2016 година пред членовите на Комисијата за финансирање и буџет Ставрески рече дека капиталните инвестиции се планирани на износ од 25.092 милиони денари, како развојна компонента на буџетот што директно ќе помогне за динамизирање на економската активност во следната година. Капиталните инвестиции за догодина, наведе Ставрески, се за 2.858 милиони денари повеќе отколку во 2015-та година, што е раст од 12,9 проценти. Инвестиците се за значајни проекти во делот на патната инфрастуктура, каде се планирани 250 милиони евра за патишта, за железничката инфраструктура со предвидени 2.203 милиони денари, енергетиката, здравството, образованието, поддршка на општините, …..
„Ќе се продолжи со политиките за грижа за социјално ранливите категории, пред се на примателите на социјална помош и пензионерите, како и земјоделците за коишто во буџетот за 2016 година се предвидени повисоки износи на средства и нови зголемувања на социјалната помош и на пензиите“, наведе Ставрески.
Во периодот од јануари – август оваа година буџетот, укажа, имаше натфрлување на вкупните приходи за 12,304 милијарди денари или за 13,4 проценти во однос на 2014 година истиот период. Високите буџетски приходи во коишто даночните приходи играат многу значајна улога продолжија и во текот на септември за коишто имаме прелиминарни податоци и ќе кажам дека даночните приходи во истиот период, во првите осум месеци, беа зголемени за 7,711 милијарди денари или за 14,4 проценти во однос на претходната година, наведе Ставрески.
Во рамки на вкупните приходи, додаде, има дивергентни движења кај поодделни даноци, но вкупната слика е добра. Тоа покажува дека реализацијата на буџетот на приходна страна оди подобро од очекувањата, додека на расходна страна сме во рамки на планираното, рече Ставрески.
Според него, оваа година се завршува со силна буџетска позиција, со добра ликвидност на буџетот и навремено и редовно сервисирање на сите обврски од буџетот. – Тоа ни создава добра основа за да влеземе во 2016 година со добра буџетска позиција и со салдо и со динамика кои што ќе овозможат да се остварат очекувањата за 2016 година, а тоа е буџетскиот дефицит да се намали од 3,6 на 3,2 проценти од БДП, рече Ставрески.
Тоа, појасни, е значајно бидејќи претставува исчекор во насока на реализација на тригодишната фискална стратегија на Владата на Република Македонија која што предвидува етапна консолидација на јавните финансии, при што во 2017 година буџетскиот дефицит ќе се сведе под 3 проценти и ќе се одржжува и понатаму на тоа ниво.
Според Ставрески, на приходната страна на буџетот ќе нема потреба од корекции во делот на евентуални зголемувања на даноци или воведување нови даноци или други давачки бидејќи со тие параметри ќе се одрж поволната даночна клима. – Република Македонија и натаму ќе може да има најниски даноци во светот, односно пораката до бизнисмените со намалување на буџетскиот дефицит е дека даночната стапка ќе остане непроменета, односно ниските даноци за фирмите, како и за граѓаните со рамен данок од 10 проценти и ефективна даночна стапка од 7,4 проценти Република Македонија како што и не оценија меѓународните финансиски институции ќе остане земја со најниски даноци во светот и земја со најниски даночни трошоци за фирмите и за граѓаните, рече Ставрески.
Во извонредно сложена политичка ситуацијата во земјата, како и криза во ЕУ наметната од ситуацијата во Грција, македонската економија покажала висок степен на жилавост и во такви околности е остварен економски раст од близу 3 проценти. Просечниот раст на македонската економија од 2,9 проценти за првите шест месеци од оваа година е меѓу повисоките стапки на економски раст во Европа, а заедно со Црна Гора во регионот на ЈИЕ е највисока стапка на раст остварена во првото полувреме од годината и тоа е добар, одличен би рекол резултат имајќи предвид какви сложени политички околности имаше во истиот период, наведе Ставрески, посочувајќи дека и понатаму значаен генератор на економскиот раст остана градежништвото, пред се помогнато од високиот износ на капитални инвестиции од буџетот на РМ, реализацијата на значајни инфраструктурни проекти.
„Би сакал да истакнам дека вкупната слика за извозот и увозот, бидејќи увозот растеше но со помала динамика од извозот е во насока на намалување на трговскиот дефицит, значи трговскиот дефицит од година во година се намалува и тоа е една добра карактеристика во текот на изминатите години“, наведе Ставрески.
Со Предлог-буџетот за 2016 година се предвидува реален раст на БДП од 4 проценти, на извозот на стоки и услуги од 8,1 процент, на бруто инвестиците 7,5 проценти,…. Стапката на инфлација е проектирана на ниво од 2 проценти.
Параметрите за растот на економијата, според Ставрески, се реални и остварливи, имајќи предвид дека и оваа година имаше политички турбуленции и во Европа имаше кризна состојба со Грција.
Вкупните расходи се проектирани на 195.788 милиони денари, кои се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176.804 милиони денари каде има зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година.
Даночните приходи се проектирани на износ од 101,531 милијарда денари коишто се очекува да имаат раст од 6,5 проценти во однос на 2015 година, а социјалните придонеси се димензионирани на ниво од 49,187 милијарди денари или за 4,2 проценти повеќе од оваа година, рече Ставрески.
Во вкупните расходи на буџетот за 2016 година планирани на износ од 195,788 милијарди денари се предвидени средства за редовна исплата на платите, стоките и услугите, при што, посочи Ставрески, се задржува дисциплинираната потрошувачка кај овие категории во буџетот и кај тековните трансфери и субвенции.
„Тука се вградени зголемувањето на паричниот надомест за примателите на социјална помош што ќе се реализира во јуни 2016 година кога е предвидено зголемување од 5 проценти таму, како и новото зголемување на пензиите кое што ќе се изврши во октомври со исплатата на септемвриската пензија за 2016 година каде што исто така повторно линеарно ќе бидат зголемени пензиите во РМ, односно секој пензионер ќе добие зголемена пензија за 650 денари во однос на пензијата што дотогаш ја прима“, рече Ставрески.
Повеќе средства во буџетот за следната година, додаде, се предвидени и за здравствена заштита каде што се планирани средства во износ од 24,982 милијарди денари, односно за оваа намена е предвидено да се реализираат 1,333 милијарда денари повеќе отколку тековнава година.
За патна инфраструктура во 2016 година, како што информира Ставрески, е предвидено да се инвестираат 14,963 милијарди денари, од кои 2,579 милијарди се наменети за комплетирање на Коридорот 10 којшто се очекува да биде завршен на крајот на 2016 година и првите месеци во 2017 година.
„Ако на ова се додадат вложувањата на ЈП за државни патишта коишто ќе ги спомнам, тие се во значаен износ од 12,384 милијарди денари за 2016 година и таму се вклучени оние регионални патишта како што е Битола – Ресен – Буково, Маврово – Жировница – Дебар, Тетово – Брвеница – Чегране – Гостивар, Делчево – Голак, Мокрино – Смолари, Мелнички мост – Центар Жупа, Лажани – Ропотово, Црнилиште – Кривогаштани –Воѓани, Кочани – Делчево и Нов Дојран – Николич, како и проектот што го најавивме за надградба на патот односно изградба на експресен пат од Крива Паланка до Ранковце што се финансира со заем од СБ, како и изградбата на двата автопати од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид“, рече Ставрески.
Покрај овие патишта, додаде, има уште неколку што се финансираат од страна на Европската банка: Штип – Кочани, Охрид – Пештани, Градско – Прилеп што ќе започне овој период и Требениште – Струга, како и во 2016 година почеток на изградба на патот од Штип до Радовиш. Покрај ова, посочи Ставрески, во 2016 година ќе почне и проектот за изградба и рехабилитација на патиштата Пробиштип – Пониква, Тораница – Саса, Старо Коњарево – Ново Коњарево и Гарски мост – Извор, поддржани од СБ и сето ова покажува дека само за патишта вкупно од буџетот на РМ и од буџетот на ЈП за државни патишта можеме да очекуваме речиси 250 милиони евра следната година да бидат само во патна инфраструктура инвестирано, рече вицепремиерот Ставрески.
За следната година се проектирани инвестиции и во железничката инфраструктура, во износ од 2,203 милијарди денари. – Тука се предвидува да заврши реконструкцијата на Коридорот 10 и ремонтот на последната делница од Ногаевци – Градско – Кукуречани и Криволак – Неготино. Истовремено во 2016 година ќе се интензивира изградбата на пругата кон Бугарија, а ќе започнат активности и на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, информира Ставрески.
За вложување во енергетската и комунална инфраструктура во Буџетот се проектирани капитални инвестиции од 3.475 милиони денари, при што е предвидено интензивирање на активностите за изградба на Националниот гасоводен систем. Инвестициите во здравствениот сектор за 2016 година во вкупен износ од 1.599 милиони денари, ќе бидат фокусирани на Проектот за изградба, реконструкција и доградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и Регионалната Клиничка болница во Штип финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа.
За поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2.056 милиони денари. Преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за која во 2016 година се предвидени 1.642 милиони денари ќе се поддржат инвестициите за модернизација на земјоделски стопанства, набавка на земјоделска механизација и приклучна механизација која е во функција на подобрување на целокупните резултати од работењето на земјоделското стопанство и достигнување на повисоки стандарди.
Во областа на правосудството планирани се средства во износ од 485 милиони денари, а во 2016 година ќе се продолжи со имплементација Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа.
Во буџетот за следната година, според Ставрески, се предвидени и повеќе средства за трансфери кон единиците на локалната самоуправа согласно планираната динамика на зголемување на блок дотациите и планираните други трансфери до единиците на локална самоуправа имаме предвидено на две места зголемувања.
„Определбата за зголемување на јавните инвестиции, односно капиталните проекти е клучната карактеристика на буџетите на РМ во последните 6-7 години и таа определба ја задржуваме и понатаму. Ја задржуваме заради многу причини, директно им помага на градежните компании, директно значи ангажирање на домашни работници од страна на градежните компании како изведувачи и подизведувачи на овие проекти било да се гради пат, било да се реновира пруга, било да се гради водовод или канализација, локална улица, училишта, болница и што и да е, со инфраструктурните проекти се ангажира домашната градежна оператива и многу други мали фирми во делот на лесната индустрија коишто ја снабдуваат таа градежна оператива“, рече Ставрески.
Планираното ниво на дефицитот за 2016, како што образложи вицепремиерот Ставрески, ќе се финансира преку комбинација на домашни и странски извори на финансирање, односно во рамки на странските извори на финасирање издавање еврообврзница, а на домашниот пазар ќе се оди на минимизирање на трошоците и продолжување на рочноста на хартии од вредност како политика што ја следиме во последните неколку години.
„Со предвидените средства за финансирање на буџетот и на проекти РМ ќе остане во зоната на умерено задолжени земји, односно ќе се вклопи во среднорочната фискална стратегија“, рече Ставрески.