Запленети златен накит, лекови, цигари, девизи и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија една царинска измама и значителен број обиди за криумчарење, при што привремено се задржани златен накит, девизи, лекови, цигари, делови од лифт, електрична опрема, додатоци за мобилни телефони, облека, рачни часовници, парфеми и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Златен накит и девизи

– 195 грама златен накит, откриен од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патниот правец Петровец – Скопје, на македонски автобус што сообраќал на релација Истанбул – Скопје. Во рачна чанта на патничка во автобусот, македонска државјанка, се пронајдени две кесички со 7 нараквици, 1 гердан, 1 пар обетки, 1 приврзок и 3 прстени, со финост од 22 и 14 карати. Вредноста на накитот е проценета на околу 300 илјади денари.

Накитот е привремено задржан, а против патничката ќе биде поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело “Криумчарење”.

– 2.000 швајцарски франци, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил, се пријавил за излез од државата, на граничниот премин Табановце автопат. Патникот пријавил дека со себе носи 2.000 евра, но при извршениот личен претрес, во џеб од неговите панталони се пронајдени уште 2.000 швајцарски франци за кои не поседувал документ за потекло.

Согласно законските прописи, на патникот мусе вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а швајцарските франци се привремено задржани и против патникот е отпочната соодветна постапка.

Лекови

– 2.471 парчиња разни лекови (Stugeron 75 mg, Propranolol, Thrombo ASS 100 mg, Epanutin 100 mg, Flixonase, Micardis Plus 80 mg, Xanax 0.25 mg, Aldizem 90 mg, Aciklovir 200 mg, Tocopherol и други ), откриени при контрола на косовски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Блаце, се пријавиле двајца косовски државјани. Непријавените лекови се пронајдени во три картонски кутии сместени во багажникот на возилото. Лековите се привремено задржани, а против прекршителот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 68 кутии разни лекови (LETENSIN, NIGERSAN, NOTAKEHL, PINIKEHL, EXMYKEHL D5, MICOKEHL и др.) и 42 парчиња автоделови (филтер за масло, огледало за ретровизор, штрафови, ланец за мотор, дихтунзи и др.), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко возило со германски привремени таблички, управувано од германски државјанин со регулиран привремен престој во Скопје, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Лековите се пронајдени во патна торба сместена во багажникот на возилото и во просторот за резервна гума, додека автоделовите се пронајдени позади предните седишта на возилото.

Непријавените производи се привремено задржани, а против пријавениот ќе биде поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело “Криумчарење”.

Цигари

– 60 штеки цигари PALL MALL RED и LD RED, со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на празен македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените цигари се пронајдени во возачката кабина на возилото, на креветот покриени со ќебе и во фиоката за документи.

– 54 штеки цигари марка Ronhill, Pall Mallи Karellia Slims, со македонски акцизни маркички, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет на WIZZAIR за Лондон.

– 18 штеки цигари марка Marlboro и Parliament без акцизни маркички, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на турски автобус, што сообраќал на релација Истанбул – Гостивар, извршена на патниот правец Петровец-Скопје. Непријавените цигари, сопственост на еден од возачите, македонски државјанин, се пронајдени во фиоката што се наоѓа над возачкото седиште и во просторот за багаж.

Во сите случаи цигарите се привремено задржани, а против прекршителите е започната соодветна постапка.

Техничка стока

– 1 лифт расклопен во делови, со вкупна проценета вредност од над 1 милион денари, откриен при контрола на грчки камион, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Богородица. Откако, при проверка на приложените документи, била утврдена разлика од над 4 тони меѓу измерената маса на возилото со товарот и масата наведена во документите, бил извршен детален преглед на возилото, при што бил пронајден 11 колети со делови од комплетен лифт.
Стоката и возилото се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 926 парчиња електрична опрема (приклучници, прекинувачи со потенциометар, лед светилки, трансформатори за лед светилки, фасонки и држачи за плафоњерки), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи, што се пронајдени во багажникот и во џебовите на седиштата на возилото, се привремено задржани а против прекршителот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 463 додатоци за мобилни телефони (заштитни фолии, екрани на допир, футроли, USB кабли, полначи и др.), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Облека и рачни часовници

– 780 парчиња облека, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на турски автомобил, управуван од турски државјанин, пријавен за влез во државата, во неколку кеси и торби, сместени во багажниот простор и покриени со ќебе, и под тапацирот, во просторот за резервна гума се пронајдени 772 парчиња облека (хула-хоп чорапи, чорапи и блузи).

Во вториот случај, при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата, во преграда од десната страна на приколката за чување на палети се пронајдени 8 женски бунди од кожа со крзно.

Во двата случаи непријавената стока е привремено задржана, а против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

– 500 парчиња облека (женски хеланки и марами) и 290 рачни часовници, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Бугарија наменета за фирма увозник од Тетово, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1. Пронајдената стока, што не била опфатена со царинските документи, е привремено задржана, а против фирмата увозник ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Парфеми и козметика

– 177 парфеми и 4 сетови козметички производи, откриени во два одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови, при контрола на два автобуси.

Во првиот случај, при контрола на српски автобус, што сообраќал на релација Белград-Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, во 4 мали торбички, сокриени под личните работи во патна торба, сопственост на македонски државјанин, патник во автобусот, пронајдени се 155 парфеми од 20ml.

Во вториот случај, при контрола на македонски автобус, што сообраќал на релација Истанбул – Скопје, извршена во близина на хотелот Холидеј-Ин во Скопје, во три најлонски кеси, сопственост на македонски државјанин, патник во автобусот, се пронајдени 22 парфеми и 4 сетови козметички производи.
Во двата случаи производите се привремено задржани, а против прекршителите ќе бидат поднесени барања за поведување на прекршочни постапки.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост

– 2 дијагностички уреди за патнички и товарни возила со ознаки на заштитена трговска марка, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на брза пратка од Хонг Конг, наменета за фирма увозник од Косово.

– 1 рачен часовник со ознака на заштитена трговска марка, откриен на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на пратка од Хонг Конг, наменета за примач од Битола.

Во двата случаи, поради сомневање дека се повредени права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе бидат спроведени постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Измама

Еден обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со погрешно декларирање на потекло на стоката е откриен на царинската испостава Скопје 1.

На царинската испостава Скопје 1, за увозно царинење била пријавена говедска кожа со потекло од Италија, за која царинските службеници се посомневале во преференцијалното потекло, кое овозможува царинење со стапка на царински давачки од 0%. Поради тоа доказот за потекло бил испратен на проверка кај царинската администрација на Италија, од каде е добиен одговор дека стоката не ги исполнува условите за преференцијално потекло, врз основа на што се пресметани дополнителни давачки во износ од 120 илјади денари.

This slideshow requires JavaScript.