Саем и во Струга: Можностите за нови вработувања патуваат низ Македонија

Откако започна и вториот караван за новите саеми за вработување низ Македонија, и ги посети Прилеп и Велес, од страна на граѓаните се забележаа позитивни критики за шансите кои ги добиваат за време на овие настани. За разлика од стандарната форма на интервјуирање со потенцијалните кадри, на саемите секој има можност директно и на неутрална локација да се запознае со своите идни работодавачи и во поопуштена атмосфера да ги дознае сите детали за начинот на аплицирање и условите според кои одредена компанија или организација ги одбира своите идни вработени.

Денес се одржа третиот по ред саем во Струга во Домот за Култура „Браќа Миладиновци“, каде голем број на граѓани се појавија да ги разгледаат можностите кои им се нудат од страна на работодавачите.

„Одзивот од граѓаните на двата саеми во Прилеп и Велес беше навистина задоволителен, каде голем број на заинтересирани баратели на работа се појавија да го пронајдат своето ново работно место и да поразговараат со некои од компаниите учеснички како Дрекслер Маер, Кожувчанка Кавадарци, МИК Свети Николе, Кронберг и Шуберт и многу други. Но, најголемиот успех го гледам во зголемениот број на млади лица кои сè повеќе се поприсутни на саемите за вработување. Се надевам дека тој тренд ќе продолжи и во наредните саеми во склоп на овој караван, а со новите зголемени бројки на вработени лица во државата, ќе се евидентираат и самите успешни резултати од овој караван кој е дел од проектот Македонија Вработува“, изјави Влатко Поповски, Директор на Агенцијата за Вработување на Република Македонија.

Следниот 4-ти саем за вработување од овој караван ќе се одржи наредната среда во Кочани на 21-ви октомври.