Македонската литература беше претставена на Саемот на книга во Франкфурт со учество на писателите Митко Маџунков, Венко Андоновски, Блаже Миневски и Кица Колбе, кои читаа извадоци од своето творештво.
Штандот на РМ, под мото „Куќа на зборови, куќа на светови“, имаше посетители заинтересирани за книгите на нашите автори кои ги претстави германскиот македонист, проф. Бенјамин Лангер.
Македонскиот ден, насловен „Дожд од зборови“ го организираше Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ) кое, со поддршка на Министерството за култура, втора година по ред е комесар на претставувањето на македонската литература во Франкфурт.
Нашите автори се задоволни од тоа што пишаниот збор од Македонија е присутен на најголемата книжевна саемска манифестација во светот, но сметаат дека целта ќе биде постигната ако се воспостават контакти и со литературните агенти бидејќи франкфуртскиот е саем за договарање преводи и продажба на авторски права и место каде се среќаваат над седум илјади издавчки куќи од повеќе од сто земји.
Блаже Миневски рече дека како мала литература треба да бидеме присутни за да не забележат.
„Треба да бидеме присутни и на познатиот дел од овој саем – на агенти и агенциски куќи кои продаваат права. Се уште таму не сме присутни и тоа е голем минус кој треба да се поправи во иднина. Но и ваквите презентации даваат некакви почетни ефекти, затоа што по претставувањето овде имавме контакти со четири-пет издавачки куќи кои се заинтересирани за македонската книжевност“, изјави Миневски.
Венко Андоновски исто така смета дека треба многу повеќе да се прави за контакти со агентите.
„Ова е најголема светска берза на светската книжевност, саемот има изложбен карактер, И покрај тоа што ние немаме договорено средби со агенти, многу е важно што Македонија и нејзината книжевност се појави на овој саем, регистрирана е како книжевно-историски факт. А со овој мал, скромен наш настап, кој собра и интересенти во публиката покажавме дека нешто вредиме,“ изјави Андоновски, кој смета дека шансите се отворени и со тоа што извадоци од нивното творештво се преведени во каталог кој е достапен и во електронска форма.
Писателката Кица Колбе, која живее во Келн, рече дека е проблем пробивот на литературата од мали земји на ваков огромен саем и дека клучно е на кој начин може да се привлче вниманието.
„Секако дека ќе заталка некој што не е Македонец, но клучно е како да се создаде благовремено, пред саемите, една логистичка структура, која ќе работи на тоа најуспешно да го привлече вниманието на претставници од многу издавачки куќи за некој македонски автор“, изјави Колбе.
И академик Митко Маџунков смета дека треба подготвено да се пристапи на меѓународни саеми.
„Тоа е државна стратегија. Треба да видиме кои се тие наши пет или шест или седум врвни автори кои треба да се преведат на тие валидни јазици, да се дадат на најдобри странски писатели кои би биле добро платени за да се направат одлични преводи, да се изменаџира целата работа, да се договори една годна однапред средба со издавачи итн. и потоа да се истурка она што може. Ако имаме писател за Нобелова награда, зад тоа треба некој да стои. Денес нема врска вредноста на делото со успехот, а основно мерило стана успехот“, рече Маџунков.
Горјан Лазаревски, претседател на ЗИКМ, кое и минатата година ја претставуваше РМ на овој саем, рече дека и оваа година имало интерес за конкурсот на Министерството за култура за превод на макеодонски дела од странски издавачи.
„Годинава имаше и неколку британски агенти кои се заинтересирани за македонската литература, некои издавачи од Италија пројавија интерес за соработка со македонски издавачи. Сета комуникација и склучување договори се случуваат по саемот на книгата, така што очекувам по завршувањето на саемот да се склучат првите договори за превод на дел од домашните автори“, изјави Лазаревски.
На денешниот национален ден присуствуваше и Џералдин Кук, литературен агент од Велика Британија која изјави дека ова е нејзино прво искуство и вовед во македонската книжевна продукција.
На специјално подготвениот штанд на РМ изложени се над 1.400 книги на речиси сите издавачи во земјава и публикации на национални установи. На штандот е претставена и едицијата „135 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик – проект на Владата и Министерството за култура, како и Конкурсот за превод на дела на македонски автори од странски издавачки куќи, за кој имало интерес на минатогодишниот саем во Франкфурт.
Македонскиот штанд е збогатен и со реплики, сувенири, артефакти и други содржини кои ја илустрираат македонската културна традиција, а сето тоа под препознатливиот бренд „Македонија вечна“.