Во рамките на програмата за заштита на културното наследство, за годинава предвидена е и непосредна заштита на манастирскиот комплекс „Св. Гаврил Лесновски“ во село Лесново, кој се наоѓа на петнаесетина километри од Пробиштип, на југозападните падини на планината Осогово.
Стручните екипи на Националниот конзерваторски центар ќе изработат проект за детални конзерваторско-реставраторски истражувања на овој значаен манастирски комплекс чија заштита се наметна како приоритет поради децениската влага која претставува сериозна закана за живописот и архитектурата на црквата. Исто така, ќе се изведат и геомеханички истражувања на почвата, а ќе се изработат и проектна документација за црквата „Св. Архангел Михаил и Гаврил“, како и конзерваторски проект за превентивни заштитни интервенции на покривната конструкција и на архитектурата на црквата. Во текот на 2016 година е планирана реализација на овие значајни активности по што ќе се пристапи кон конзервација на вредниот фрескоживопис.
Манастирскиот комплекс „Св. Гаврил Лесновски“ се претпоставува дека е основан од св. Гаврил Лесновски во XI век. Под ктиторство на деспот Оливер, сегашната црква, посветена на св. Архангели Михаил и Гаврил, е изградена на постари темели и живописана во 1341 година.