Отворена изложбата „10 столбови на Археолошкиот музеј“

Во чест на одбележувањето на првата годишнина од отворањето на Археолошкиот музеј на Македонија, синоќа во рамките на манифестацијата „Недела на археологијата“ беше отворена изложбата „10 столбови на Археолошкиот музеј“ која претставува пресек на десетте најзначајни истражувачки проекти на музејот реализирани во текот на овие 90 години од постоењето на установата.

Заменик-министерот за култура Драган Неделковиќ на отворањето на изложбата посочи дека во повеќедецениската научно-истражувачка дејност оваа институција која честопати ја менувала локација, минатата година со поддршката на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, го доби својот нов дом во кој се сместени повеќе од 8000 вредни артефакти.

„Во тој контекст, ќе истакнам дека одбележувањето на годишнината од отворањето на новиот објект на Археолошкиот музеј претставува убава можност преку денешната изложба да се потсетиме на богатата традиција и бурна историја низ која поминала оваа институција за да стигне до денешното нејзино издание кое веќе се доживува како лајт мотив на градот Скопје“, рече Недељковиќ. Заменик-министерот за култура на директорката Весела Честоева и на сите вработени во Археолошкиот музеј им ја честиташе годишнината од новиот објект, а изрази и благодарност до професорот Драги Митревски, кој е автор на оваа значајна и вредна изложба, до координаторите Славица Бабамова и Александра Папазовска, како и до сите археолози.

Изложбата „10 столбови на Археолошкиот музеј“, меѓу останатите артефакти ги претставува екслузивните експонати како Големата божица Мајка од Тумба Маџари, монументалниот појас од Марвинци, теракотните икони од Виница, теракотни скулптури од Стоби и други наоди од праисторијата, антиката и средниот век. Дел од поставката е и значајна археолошка документација, дневници, технички цртежи, фотографии и алат кои се сведоштво за научно-истражувачката работа на македонските археолози.