Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2015 година, широкопојасен пристап на интернет (преку фиксна или мобилна конекција) имале 93.5% од деловните субјекти со десет или повеќе вработени.
Пристап на интернет преку пренослив уред, употребувајќи мобилна телефонска мрежа (3G/4G) имале 59.1% од деловните субјекти. Ваков тип на мобилна поврзаност на интернет (преку преносливи уреди: notebook, laptop, smartphone, PDA phone итн.), за деловна намена, користеле 11.4% од вработените во деловните субјекти.
Половината (49.8%) од деловните субјекти користеле социјални медиуми (пр., Facebook, LinkedIn, Twitter, Present.ly, YouTube, Flickr, Picassa, Wiki-алатки итн.), односно имале кориснички профил, сметка или лиценца за користење на одреден социјален медиум.
Околу 52% од деловните субјекти имале веб-страница или почетна страница, од нив, 79% на веб-страницата имале обезбедено опис на производите/услугите, ценовници, 40.2% имале наведено линкови/референци до нивните профили на социјалните медиуми, а 16.4% обезбедиле онлајн нарачување, резервирање.
17.7% од деловните субјекти имале ERP- софтверски пакет за електронска и автоматска размена на информации во рамките на деловниот субјект, а 21.6% употребувале софтверска апликација за управување или анализа на информациите за клиентите, т.н. CRM.
Во текот на 2014 година, 7.7% од деловните субјекти со 10 или повеќе вработени, имале е-трговија, односно купувале или продавале стоки или услуги преку компјутерски мрежи (преку веб или EDI), е-продажба реализирале 3.6%, а е-купувања имале 5.9% од деловните субјекти.