Дејан Недев на прием во Агенцијата за млади и спорт

Новиот светски шампион во карате, Дејан Недев и претседателот на македонската традиционална карате федерација Венцислав Недев остварија средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

Неговото остварување е вистински мотив за младите во Македонија за занимавање со овој спорт. Агенцијата за млади и спорт ја продолжува поддршката која ја има кон Македонската традиционална карате федерација.

„Покрај обезбедувањето на средства за стручниот семинар во Берлин, на кој Дејан Недев зема учество неодамна, а за кој Агенцијата обезбеди 200.000 денари, обезбедени се и десет стипендии „спортска надеж“ за најталентираните млади каратисти од оваа федерација“, – изјави директорот Спасески.

Дополнително, како резултат на досега постигнaтите успеси на меѓународните натпреварувања Недев од пред неколку години е носител и на највисокото спортско признание, популарно наречената „спортска пензија“, со која државата ги валоризираше неговите успеси и му обезбеди доживотен паричен надоместок во висина од една просечна плата.

ams_dejan_web_2

Дејан Недев се заблагодари до Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт кои финансираат во спортот, велејќи дека спортот е дефинитивно најголемиот промотер на една држава.

„Освојувањето на светскиот медал е врв на мојата кариера, особено што тој е остварен во дисциплината „фу-ку-го“, која е всушност комбинација на кати со борба. Посебно ме радува фактот што финалната борба беше прогласена за најатрактивна од страна на сите стручни лица, и тоа што медалот доаѓа после неколку последувателни порази токму во финалните борби“, – изјави носителот на признанието спортска стипендија Дејан Недев.

„Голема благодарност до Агенцијата за млади и спорт за сета поддршка кон овој спорт, особено за доделените стипендиите на деца од нашата федерација кои се веќе добитници на континентални медали и се вистински наследници на светскиот шампион“, – додаде Венцислав Недев.