Процесот СЕДМ е доказ за демократскиот капацитет на регионот – министерот Јолевски на средба со министрите за одбрана од Југоисточна Европа

„СЕДМ процесот се докажа како одличен форум за регионална соработка во областа на безбедносни предизвици. Наша задача е колку е можно повеќе да го користиме овој процес за заеднички да придонесеме кон меѓународната безбедност и стабилност“, рече министерот Јолевски на денешниот СЕДМ состанок кој се одржува во рамките на Сеопфатниот министерски состанок во Дубровник, Хрватска.

На состанокот министерот посочи дека Република Македонија продолжува на нејзиниот пат кон полноправно членство во НАТО и Европската Унија.

„Македонија направи многу за да ги достигне овие стратегиски цели. Ние сме подготвени веднаш да бидеме дел од Алијансата“, рече министерот Јолевски.

Тој додаде дека за тоа има поддршка од сите политички чинители во државата и од граѓаните на Република Македонија.

На маргините на состанокот, министерот оствари средби со повеќе негови колеги, меѓу кои и со министерот за национална одбрана на Република Турција, Исмет Јилмаз, со кој потпиша Договор за воено финансиска соработка. Воедно, министерот Јолевски имаше средба и со делегација од словенечкото министерство за одбрана.

На средбите министерот Јолевски изрази задоволство од нивото на соработка со сојузничките земји. Воедно тој посочи дека Република Македонија останува на своите стратегиски цели, членство во Алијансата и ЕУ за што доби безрезервна поддршка од неговите колеги.