Средба Груевски-Рифај, тема туристичките потенцијали на Македонија и поддршка од СТО

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски во рамките на својот престој во Мадрид, Кралство Шпанија, оствари средба со Генералниот секретар на Светската туристичка организација на Обединети Нации, Талеб Рифај.

На средбата соговорниците разговараа за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Светската туристичка организација, начините и механизмите за промоција на потенцијалите на државата во делот на туризмот, како и инвестициските активности во поглед на збогатена туристичка понуда.

Премиерот Груевски истакна дека македонската Влада спроведува поголем број на мерки, активности и политики кои резултираат со значителен напредок во туризмот како значајна стопанска гранка која претставува значаен дел во македонската економија. Претседателот на Владата како доказ за успешноста во туризмот го истакна и фактот за перманентниот раст на бројот на туристи во Република Македонија, кој од 2007 година до минатата година е зголемен двојно. Тој истакна дека е позитивно што ваквиот тренд на раст се задржува и во првите 8 месеци од оваа годината при што бројот на туристи е зголемен за 10.1%, а бројот на странските туристи е зголемен за 14.2 % споредено со минатата година.

Претседателот на Владата Груевски истакна дека Владата инвестира и во инфраструктурата, во изградбата на туристички содржини, уредување на крајбрежјата на езерата, а обезбедува и поволни услови за инвестиции во сместувачки туристички капацитети и овозможува субвенции за домашните тур-оператори за привлекување на странски туристи.

На средбата стана збор и за конкретните чекори за поддршка од страна на Светската туристичка организација во насока на развој на туризмот. Беше договорено за следната година да се одржи заедничка инвестициска конференција за промоција на туризмот и хотелиерството каде ќе бидат презентирани туристичките потенцијалите со кои располага Република Македонија.

Генералниот секретар на Светската туристичка организација Телеб Рифај позитивно го оцени напредокот на земјата на туристичка мапа, како и напорите на македонската Влада за развој на туризмот. Тој истакна дека Македонија е позитивен пример за напредок во оваа сфера додавајќи дека државата може да смета на поддршката и соработката со Светската туристичка организација во поглед на туристичка промоција и забрзување на развојот во оваа сфера.

„Вистинска привилегија е што имаме можност да соработуваме, да разговараме за силната поддршка и посветеност на туризмот која ја овозможува премиерот Груевски, при што ја истакнав нашата волја да го помогнеме и развиваме туризмот во Македонија. Се согласивме за две работи, да поддржиме интернационална инвестициска конференција за туризам која би се одржала во 2016 година, а втората работа е да ја продолжиме и интензивираме нашата билатерална соработка во поглед на подобрување на капацитетите, обука на кадар и промоција на туризмот во Македонија“, истакна Генералниот секретар на Светската организација за туризам при ОН, Талеб Рифај.