Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија имаат одлична соработка со КФОР на Косово, заклучија на денешната средба во Министерството за одбрана, министерот Зоран Јолевски и командантот на КФОР, генерал-мајор Гуџлиермо Миџлиета.
Министерот Јолевски на средбата посочи дека Република Македонија во континуитет дава придонес кон напорите на меѓународната заедница за мир и стабилност на регионот.
„Дел од тие напори е и логистичката поддршка за КФОР“, истакна министерот Јолевски.
Генералот Миџлиета се заблагодари за средбата и додаде дека како и досега, потребно е и во иднина да се одржуваат постојаните контакти и средби на високо ниво.
На средбата соговорниците разговараа за геополитичката состојба во поширокиот регион и Европа, како и за состојбата околу мигрантската криза која го зафати континентот. Во тој контекст министерот истакна дека Армијата на Република Македонија продолжува со поддршката на полицијата на јужната граница.
„Наша цел е хуман третман и ефикасен транзит на мигрантите низ територијата на Република Македонија, кон нивната крајна цел“, рече министерот Јолевски.
Оваа средба е првата официјална средба на ново поставениот командант на силите КФОР на Република Македонија, како и прва средба со министерот за одбрана Јолевски.