Унапредување на имплементацијата на HACCP во угостителските објекти и новините во означувањето на храната беа тема на работилницата која во четвртокот, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство ја одржаа со членките на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија. Работилницата е дел од Акциониот план на Агенцијата за храна и ветеринарство за унапредување на имплементацијата на HACCP угостителските објекти во Република Македонија. Како што беше истакнато, иако најголем дел од нив го имаат воспоставено системот за безбедноста на храна и предусловните програми, неминовно е истите постојано да се унапредуваат.
Операторите кои се занимаваат со угостителска дејност треба континуирано да работат на воспоставувањето и одржувањето на добрата производствена и хигиенска пракса, но и да направат анализа на опасностите на секој чекор во процесот на производство, подготовка и послужување на храна, при транспорт или нејзино пакување и послужување, истакнато беше на работилницата.
Ленче Јовановска, раководител на Одделението за храна од неживотинско потекло и Лидија Дамевска раководител на Секторот за стручна поддршка при Агенцијата, на членките на Здружението за угостителство и туризам им ги презентираа новините од Законот за безбедност на храна, со кој во делот на означувањето е воведена обврската во менијата да се евидентираат производите кои содржат алергени супстанци, како и за другите обврски кои произлегуваат од Законот.