Груевски: Се залагаме за екстерно тестирање, ќе го усовршуваме и ќе даде резултати

Образованието и вложувањето во подобро орбазование ни е единствениот ресурс за конкурентност со светот и напредок на земјата. Тоа е суровата реалност која мора да ја прифатиме, наспроти лажните митови, нагласи премиерот Никола Груевски во врска со реакциите поврзани со образованието, во своето обраќање на свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Спроведуваме амбициозни и промислени реформи во образованието, и како и тогаш се соочуваме со отпор, нагласи Груевски, додавајќи оти, според него, тоа е повеќе отпор кон новото и непознатото, а не е отпор затоа што сме некадарни или не можеме.

„Не. Ние можеме. Нашите деца не се ништо помалку од француските, англиските, финските, хрватските, чешките, романските. Ако во Европа може да има екстерно тестирање и матура, може да има и во Македонија. Ние се залагаме за екстерното тестирање и матурата, и тоа не е заради хир или суета, туку заради фактот што знаеме дека тоа ќе даде резултати. Ќе даде, и тоа какви резултати, а веќе и дава, иако имаме уште многу да работиме на негово усовршување. Ние сме спремни ако е потребно и свесно да загубиме дел од политичката подршка, и ние тоа отворено го кажуваме и тоа треба да се почитува. Ние гледаме и делуваме долгорочно, а не од денес за утре“, истакна прмиерот.

Со индигнација, истакна премиерот Груевски, ги одбивам сите обвнинувања дека овој концепт го тераме заради тоа што сакаме некому да нанесеме зло и да казниме.

„Нема логика. Ниту било така ниту ќе биде. И децата на министрите, директорите, пратениците го полагаат истото екестерно и истатата матура. Тука нема привилегии. И ние по домовите имаме стресни моменти, како што има во секој дом кога ќе дојде периодот на тестовите, и ние работиме со децата, помагаме, се нервираме, се радуваме. Ги разбираме сите, затоа што и ние поминуваме низ истото, немојте да мислите дека сме посебни или дека не чувствуваме. Ама мора да има мака за да има наука. А кога ќе има наука ќе чима успех“, посочи тој, оценувајќи оти злоупотребата на децата во политички цели е само неуспех.

Говорејќи за исправноста на концептот во однос на образованието, Груевски побара поддршка од целото општество, како партнери, како сонародници, како луѓе, рече, соседи, пријатели.

Ние правиме нешто зошто знаеме дека е добро. Ако сме сакале некого да казниме, тогаш зошто партиципацијата на факултетите од 1000 ја намаливме на 200 евра, зошто даваме скапи стипендии за секој кој ќе успее да се запише на врвен светски универзитет, зошто изградивме над 80 и комплетно реконсруиравме над 350 училишта, зошто трасформиравме над 9000 привремени во трајни работни односи за наставниците, зошто изградивме над 70 спортски сали, зошто купивме комјутер пред секое дете? Зошто учебниците и превозот за учениците станаа бесплатни? За да биде подобро, и за да биде за сите подобро. Подобро сега некој нека се исплука врз нас и нека му помине, отколку по десет години кога ќе биде на интервју за работа или кога ќе треба да започне бизнис да не прекорува во себе полн со фрустрации, депресии заради неуспехот и поразите низ животот. Паролите дека Нема мир додека нема правда се добри за изговарање кога имаат суштина, но кај нас не само што ја немаат, туку имаат една фалинка. Нема правда додека нема знаење. А знаењето е мир“, говореше  Груевски.

Тој порача дека ако нешто може да се подобри и да се унапреди ние тоа ќе го прифатиме, затоа што законите не се прават за да им одмогаат на луѓето туку да им помагаат.

„Ако е нешто добро, и ако со прифаќањето на некој предлог не се уништи суштината на концептот, ние тоа ќе го прифатиме.Ние ќе го усовршуваме системот со сите добри идеи. Но, крајниот резултат на тој систем треба да е повеќе знаење, поголема креативност и поголема конкурентност на секој млад човек, не само домачна, туку и меѓународна“, порача претседателот на Владата на Република Македонија.

Тој најави дека во следниот период високи државни функционери ќе ги посетат училиштата, ќе разговараат со учителите, со учениците, со родителите, ќе ги слушаат вашите предлози и забелешки, ќе бараме решенија, ќе унапредуваме и подобруваме.

„Ќе зборуваме по училиштата за секој проблем кој што е во образованието. Ние го сакаме образованието. Ние си ги сакаме нашите деца. Сакаме решенија кои ќе бидат квалитетни и ќе помогнат и тоа ќе го правиме заедно со родителите и со учениците, низ еден квалитетен процес. Имаме чесна намера, и вистински правец,“ потенцира во обраќањето премиерот Никола Груевски на свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.