Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска го објави повикот за аплицирање за поддршка на проекти од програмата „Еразмус плус“ за 2016-та. Европската комисија за оваа програма за наредната година на Македонија и одобри 4,7 милиони евра што е за 15 проценти повеќе од фондот во 2015 година.
Агенцијата денеска ја почна и информативната кампања за новиот повик. Во наредните два месеца караванот ќе гостува во шест градови во земјава (Скопје, Гевгелија, Берово, Ресен, Кичево и Кавадарци) каде што ќе бидат организирани инфоденови за подобро запознавање на потенцијалните кандидати со можностите што ги нуди оваа образовна програма на Европа. Ќе биде организирана и валоризациска конференција за „Еразмус плус“ во 2015-та, дополнителни два инфодена во соработка со општините Штип и Охрид, како и работилници во соработка со стопанските комори.
Директорот на Агенцијата Дарко Димитров е задоволен од резултатите постигнати во минатата година кога со сите доделени грантови биле опфатени над 65 институции и повеќе од 800 учесници. Во 2015-та ЕК и стави на располагање на РМ 4.084.000 евра.
„До овој момент од нив се искористени над 80 проценти. Во тек се постапки на потпишување договори за грант, како и евалуација на проекти од последниот рок за програмата за 2015 година, и со завршување на овие активности очекуваме да имаме искористенот на европските средства од над 95 проценти“, рече Димитров на првиот од серијата инфоденови за новиот повик.
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми ги повика заинтересираните да аплицираат за грант во 2016 година.
„Би сакал да ги повикам сите заинтересирани со креативни идеи и програми да аплицираат и на тој начин да се вклучат во програмата „Еразмус плус“ со цел максимално да ги искористиме бројните можности кои таа им ги нуди на нашите граѓани. Овој повик важи и за аплицирање во другите проекти од програмите на Европската унија, пред се во „Хоризонт 2020““, рече Адеми.
Претставникот на ЕУ Мауро ди Вероли ја пофали Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за постигнатите резултати и за добивањето статус на полноправен член во програмата, стекнат во 2014 година.
„Ова значи дека земјата може да има целосен пристап во „Еразмус“ заедно со другите земји-членки на ЕУ. Се надеваме дека повикот за 2016 ќе биде исто толку успешен ако не и поголем“, истакна Вероли, нагласувајќи дека оваа програма има огромен успех во промовирање на европските вредности, како и во соработка помеѓу Европската унија и земјите-партнери со цел споделување на добрите практики.
„Еразмус плус“ е водечка програма за образование и обука, млади и спорт на европско ниво, а го опфаќа целосниот образовен систем на РМ, како и сегментот млади и младински активности. Програмата обезбедува поддршка за партнерства помеѓу образовни институции, компании, невладини организации и други субјекти кои се вклучени во областа на образованието и младите. Овозможува мобилност за наставниците и студентите за да го изградат своето знаење и вештини преку студирање во земји на Унијата.