Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) во соработка со Националните спортски федерации (НСФ), високо образовните институции и другите спортски институции и организации во Република Македонија, во тековната година успешно ја реализираше и заврши првата Олимписка обука за напреден спортски менаџмент.
МОК во соработка со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) ќе ја започне втората Олимписката обука за напреден спортски менаџмент, кој е основа и еден од главните фактори за постигнување на врвните спортски резултати на најдобрите македонски спортисти.
Станува збор за многу обемна едукативна спортска програма која претставува квалитетна теоретско-практична платформа за унапредување на работата во рамките на Олимписките спортски организации (ОСО) во кои спаѓат спортистите, тренерите, судиите, спортските клубови, Националните спортски федерации, Меѓународните спортски федерации, Националните олимписки комитети, ИОК, Организационите комитети на спортските настани, медиумите и другите. Наведениот едукативен програм е од основната област на напреден спортскиот менаџмент и трае 7 месеци во 2015 и 2016 година година (6 модули, од 2 до 3 работни дена за секој модул).
Програмата на курсот во потполност е диктирана од страна на ИОК, а е осмислена во соработка со повеќе од 150 светски признати научници и експерти од спортскиот менаџмент и опфаќа учење за клучните компетенции кои се неопходни за успешно раководење со ОСО преку следните модули:
– Вовед во Олимписка обука за напреден спортски менаџмент;
1. Уредување и организација на ОСО;
2. Стратешко управување на ОСО;
3. Управување со човечки ресурси на ОСО;
4. Управување со финансии на ОСО;
5. Спортски маркетинг на ОСО; и
6. Организирање на спортски настани.
Олимписката обука за напреден спортски менаџмент е наменета исклучиво за врвниот менаџмент во ОСО и посебно за високо образовните спортски институции.
МОК испрати покана до сите спортски институции да предложат два кандидати кои ќе ги задоволат следните услови:
– Да се претставници на повисокиот менаџмент на спортската институција (по можност претседател, генерален секретар, раководител во институцијата/организацијата и/или слично);
– Да поседуват диплома за завршено високо образование и диплома за одлично познавање на англиски јазик;
– Да имат искуство и резултати во работата во својата спортска институција.
Надлежното тело во МОК, по добивањето на сите доставени апликации ќе направи селекција и ќе избере 20-25 кандидати кои ќе учествуваат на оваа обука. Тие ќе мора да бидат 100% присутни на сите предавања (едно одсуство ќе значи крај за кандидатот и неможност да ја заврши обуката) и на крајот од обуката ќе мора да изработат завршен труд во врска со два од горе наведените модули. Кандидатите кои нема да успеат да влезат во втората Олимписка обука за напреден спортски менаџмент ќе добијат шанса за едукација во третиот модул.
Важно е да се напомене дека кандидатите кои успешно ќе ја завршат едукацијата ќе добијат валидна диплома од ИОК, сертификат кој претставува престижна препорака за работа во администрацијата на ОСО во Македонија и ширум целиот свет.
МОК се надева дека Олимписките спортски организации, а посебно Националните спортски федерации ќе предложат свои кандидати (најдоцна до 6 Ноември) и ќе ја препознаат вредноста на овој значаен проект кој ќе помогне во развојот на долгорочната и ефективна соработка помеѓу учесниците и носителите на олимпиското движење во Република Македонија.