Високото рангирање на Македонија на извонредното 12 место во светот според добрата бизнис клима, на шесто во Европа и прво во регионот, во конкуренција на 189 држави, е резултат на сработеното. Освен верификација на напорите на Владата за креирање подобра бизнис клима е и одличен сигнал за странските и домашните инвеститори, оцени премиерот Никола Груевски на прес-конференција во Владата.
Според Груевски, најновото и првпат рангирање на 12 место во извештајот е успех за сите граѓани и за целата држава и ќе биде поттик и понатаму Македонија да работи на подобрување на бизнис климата.
„Иако овој резултат можеби за многумина е изненадување, како Влада веруваме во реформите што ги спроведуваме во Македонија кај кои ги применуваме светски најдобрите практики кои ги прилагодуваме и анализираме на наши услови. Високиот ранг е само резултат на сработеното“, рече Груевски.
Потенцирајќи дека Македонија е на шесто место во Европа за водење бизнис каде економиите се најразвиени и каде земјите посветуваат особено внимание за ова посочи оти пред нас се само скандинавските четири држави Данска, Шведска, Норвешка и Финска, како и Велика Британија. Тоа, нагласи, потврдува дека Македонија не само што е лидер помеѓу земјите од регионот на ЈИЕ, туку е и меѓу лидерите во Европа и светот. На листата Дуинг бизнис, како што рече Груевски, Македонија се најде пред многу етаблирани економии и развиени земји, како Германија (15) , Австралија (13), Канада (14), Австрија (21), Франција (27), Холандија (28), Јапонија (34) и други. Македонија е рангирана пред 24 земјји членки на ЕУ и е далеку пред останатите земји од регионот како Словенија која е на 29 место, Романија на 37, Бугарија 38, Хрватска 40, Црна Гора 46, Турција 55, Србија 59, Грција, 60, Косово 66, БиХ 79 и Албанија 97.
Премиерот Груевски потсети дека Македонија подолг период е високо рангирана според овој извештај подвлече оти годинава првпат е на 12 место што е нотирано и во извештајот.
„Македонија пред девет години според овој извештај беше рангирана на 94 место, но стратешката определба на Владата за унапредување на бизнис климата како најдобар начин за обезбедување одржлив економски раст, креирање нови работни места и подобрување на животниот стандард, придонесе земјата да направи крупен исчекор од 89 места“, рече Груевски. Тоа значи, додаде, дека државата во овие девет години макотрпно работела на изградба на современи институции со донесена модерна регулатива и законодавство, намалена бирократија и поедноставени административни процедури, воведени современи технологи за квалитетни јавни услуги…
Извештајот Дуинг бизнис 2016, наведе Груевски, е ценет помеѓу инвеститорите и го земаат како релевантен показател при носење одлука каде да ги инвестираат своите средства. – Праксата го потврдува тоа. Како што се подобрува рангот на Македонија на оваа листа се зголемува и бројот на странски компании кои доаѓаат во земјава, отвораат фабрики и нови работни места, рече Груевски.
Постигнатиот резултат, според него, е пример како со посветена работа и заеднички труд може да се постигне многу. Овој извештај е вреднување на тој труд, а спроведените реформи и конкретни чекори се првенствено за граѓаните, рече Груевски потенцирајќи дека големата цел на Владата е подобрување на стандардот на граѓаните.
Појаснувајќи како Македонија стана шеста најдобра бизнис дестинација во Европа и 12 во светот, македонскиот премиер укажа оти Македонија е втора земја во светот после Нов Зеланд каде е најлесно да отвориш фирма, седма во светот според условите за плаќање даноци со една од најниските даночни стапки, десетта држава каде може најлесно да се извади градежна дозвола. Висок е рангот на земјата и според заштитата на малцинските инвеститори каде Македонија е 14 во светот што е добар сигнал, како што рече, до инвеститорите за кои има модерна законска регулатива која ги штити нивните права.
„Условите за извоз и увоз во земјава изминатите десет години се исто така значително олеснети што е нотирано и во извештајот Дуинг бизнис каде се забележува напредок од 101 место“, рече Груевски истакнувајќи дека спроведените реформи заедно со политиките за привлекување странски инвестиции резултираа денес извозот да биде поголем за двапати од пред десет години. За споредба, посочи, пред десет години Македонија според овој индикатор била на 127 место.
Со четири часа законски рок и само два часа и една постапка во пракса, истакна премиерот, отворањето фирма во Македонија е брзо и едноставно, а за тоа пред десет години беа потребни 18 дена и десет постапки. Македонија најниските даночни стапки успеа да ги задржи и за време на светската економска и европската должничка криза, воведе електронско издаваење градежни дозволи со преполовен број постапки и намалено време за добивање на овој документ за трипати.
Груевски потенцира дека Македонија забележува висок ранг и напредок и кај останатите индикатори, кај спроведувањето договори напредокот е за 46 места до пред десет години, кај решавање солвентност 86 места, пристап до електрична енергија 76 места, услови за регистрирање имот 37 места.
Извештајот и вреднувањето во него, според Груевски, е дел од чекорите на Владата за развој на економијата и за подобрување на условите за живот. – На ваков начин се рушат сите бариери и дилеми и се потврдува дека Македонија има капацитет со напорна работа да постигне врвни резултати, рече претседателот на Владата.