Со цел промоција и зачувување на македонскиот даб, на иницијатива на Шумарскиот факултет од Скопје, денеска во дворот на претседателскиот Кабинет, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, заедно со студентите и со деканот на Шумарскиот факултет засадија неколку садници на македонски даб.
Пред Кабинетот на Претседателот беше поставено и обележје од дабово дрво, кое го истакнува значењето на македонскиот даб, како симбол на цврстина, храброст и истрајност.
Македонскиот даб, кој има значајна симболика за македонскиот народ, е претставен и на амблемот на Претседателот на Република Македонија, кој за прв пат беше утврден со одлука на претседателот Иванов на 2 декември 2009 година. Амблемот на Претседателот на Република Македонија го претставува државното знаме на Република Македонија аплицирано на штит со полукружен долен дел. Над штитот во горниот ред стои текстот “Република Македонија”, а под него “Претседател”, додека под штитот се претставени две вкрстени гранчиња од македонски даб (Quercus Macedonica) со по осум листови и осум желади.