Утре во Струга ќе се одржи осмата едукативна работилница од проектот “е-ENGAGEMENT”, организиран од страна на Младински Сојуз со поддршка на фондацијата е-Македонија, заедно со локалните партнери од Струга, Еврофорум.
„Минатата есен организиравме четири успешни работилници во четири градови низ Македонија, овој пат организираме 12 еднодневни работилници во 12 градови (Гостивар, Кавадарци, Куманово, Крушево, Струга, Вевчани, Струмица, Гевгелија, Св. Николе, Делчево, Кратово и Штип), со иста главна цел, односно, зајакнување и охрабрување на младите луѓе за користење на дигиталните вештини, нови идеи и алатки кои ќе им овозможат да бидат што повеќе вклучени во решавање на општествените прашања кои влијаат врз нив.“– велат организаторите.
На секоја од овие 12 работилници ќе учествуваат по 100 млади луѓе кои ќе се стекнат со социјални, дигитални и јазични вештини.
Проектот ќе резултира со завршна конференција во Скопје, во првата половина на декември, на која ќе учествуваат најмотивираните и најактивните млади и таа треба да резултира со заклучоци и препораки директно од младите луѓе.
Проектот има за задача да ги промовира предностите и придобивките од информатичките и комуникациските технологии помеѓу младите луѓе со посебен акцент на агажманот во информатичкото општество.
„Со младите ќе работи тим на експерти од апект на дигитални и социјални вештини, кои ќе ги фацилитираат младите да научат како да дојдат до вистинските информации, да формираат мислење, да ги изразат своите сопствени ставови како и да придонесат за позитивни промени во општеството без разлика дали дејствуваат во нивно лично име, преку училиште или преку одредена младинска група. На почетокот од секоја работилница правиме краток brain storming околу најактуелните работи кои во моментов ги засегаат младите. Потоа се делиме во групи и почнуваме да работиме на нив, на нивно решавање односно подобрување.“– велат организаторите.
Наталија беше дел и од минатиот циклус работилници во Куманово и за нас вели: „Ова е одличен начин да се надградиме себеси, да се збогатиме со нови вештини и да ги искористиме новите алатки за позитивни промени’, a Марија за e-ENGAGEMENT вели дека сега се чувствува посамоуверена и полна со знаења и вештини кои ќе и помогнат да биде онлајн корисно активна.
„Досега ги поминавме градовите Гостивар, Кавадарци, Куманово, Крушево, Кратово, Делчево, Свети Николе, викендов сме во Струга и ни остануваат уште Штип, Вевчани, Гевгелија и Струмица и искрено се надеваме дека следните ќе го достигнат успехот на веќе-одржаните работилници. Може да се каже дека младите од досегашните градови се соочуваат со слични проблеми, така што како најактуелни ги истакнаа немањето доволно културни настани, невработеноста, миграцијата, загаденоста и други. Младите од Кратово на пример веќе се во фаза на спроведување на акцијата која ја осмислија на работилницата наречена ‘е-Кратово’ за чистење на кејот на реката, а други пак за организирање на повеќе културни настани во градот наречена „Дека вечер?“.“– истакнуваат тие.
На конференцијата ќе земат збор многу активни млади луѓе кои ќе се обидат да ги мотивираат младите да земат поголемо дигитално учество во општеството.
„Ние, Младински Сојуз поддржани од фондацијата е-Македонија, сакаме да објавиме официјален старт на нов циклус едукативни работилници од втората фаза на проектот e-ENGAGEMENT. Судејќи според досегашните активности, проектот силно се стреми кон остварување на својата главна цел зајакнување и охрабрување на младите луѓе да ги користат дигиталните вештини за усовршување на сопствени знаења и умеења, но и за поттикнување и спроведување на позитивни промени во општеството.“
Младински Сојуз заедно со своите партнери ги охрабрува младите да бидат лидери и креатори на иднината, како во граѓанското општество, така и во младинската соработка.