Вечерва во големата сала на Општина Охрид беше промовирана книгата „Подводна и хипербарична медицина“ од д-р Горан Балевски.
Покрај бројните охриѓани на промоцијата присуствуваше и градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, кој истакна:
„Она што го краси Горан и како човек и како доктор и како спортист, рекреативец, нуркач е содржано во неговото битие. Во овие 35 години пријателство и другарување со Горан можам да констатирам и да ве уверам на сите вас во едно, дека се што постигнал во неговиот животот е плод на неговиот сопствен труд, плод на неговата јасно дефинирана љубов кон нештата, било да е тоа медицината, нуркањето или оние општествени вредности кои го красат еден човек, семејството , пријателите, другарите и сето она што го чини живеењето во овој град. Сето тоа го постигнува врз основа на неговата јасно дефинирана љубов , врз основа на неговата посветеност во она кон кое ќе се насочи, врз основа на неговата јасно дефинирана цел и врз основа на истрајноста која што ја вложува во постигнување на целите и резултатите од неговиот труд. Ова пионерско дело, велам пионерско затоа што според моите сознанија е прво од ваков вид во Р. Македонија сигурно дека силно ќе го задолжи градот Охрид и граѓаните. Горан, неизмерно ти благодарам за сето она што му го подари на градот Охрид на моите пријатели, твоите другари, твоите колеги кои што претпоставувам дека се приближно толку горди колку што е вечерва гордо твоето семејство. Охрид ти е неизмерно благодарен за твоето дело“ – подвлече во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.
Книгата која е издадена на македонски и англиски јазик ја презентираа проф. Д- р Здравко Тројачанец и Милутин Секулоски.