Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2015 година, 69.4% од домаќинствата имале пристап на интернет од дома, што е за еден процентен поен повеќе во споредба со истиот период од 2014 година. Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 67.7% во 2014 година, на 69.0% во 2015 година.
Речиси сите (99.5%) од домаќинствата со интернет-пристап, имале широкопојасно (фиксно или мобилно) поврзување на интернет.
Во првото тримесечје од 2015 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, компјутер користеле 69.2%, a интернет користеле 70.4%. Интернет најмногу користеле учениците и студентите, односно 94.7%. 71.2% од корисниците на интернет во првото тримесечје од 2015 година употребиле мобилен телефон или паметен телефон за пристап на интернет надвор од дома или од работа.
15.4% од лицата кои кога било употребиле интернет, нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци, а мнозинството (66.9%) од нив, купиле облека или спортска опрема. Од лицата што не
купувале преку интернет во последните 12 месеци, речиси 80% претпочитаат да купуваат лично во продавница, сакаат да го видат производот, од навика и сл., а 28% не купувале поради загриженост за безбедноста при плаќањето, или приватноста (пр., давање податоци од кредитна картичка или лични податоци на интернет).