Осигурителниот пазар во Македонија во последните години бележи континуиран раст. Раст е забележан и во делот на животното и неживотното осигурување. Друштвата кои работат на македонскиот пазар остваруваат висока стапка на раст на бруто полисираната премија, раст на вкупната актива, остваруваат солидни финансиски резултати, стабилни се и имаат доволно финансиски средства за исплата на обврските. Се очекува раст и понатаму со оглед на појавата на нови ризици.
Ова беше истакнато на денешното одбележување на Денот на осигурувањето – 1 ноември, кој во Македонија се одбележува по петти пат.
„Заклучно со третиот кваратал од 2015 година се склучени 6,1 проценти повеќе договори за осигурување во однос на истиот перод лани, а бруто полисираната премија има раст од 7,8 проценти. Позитивниот тренд е значајно присутен во двата сегмента на осгирувањето, со тоа што стапката на пораст кај осигурувањето живот е двоцифрена и изнесува 21,7 проценти. Оваа висока стапка на раст зборува дека граѓаните се повеќе свесни за животното осигурување како форма на штедење што придонесува за подобрување на квалитетот на живот“, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, обраќајќи се на одбележувањето на Денот на осигурувањето.
Тој додаде дека во првите шест месеци од годинава осигурителниот сектор оствари позитивен финансиски резултат од 361 милиони денари или 29 проценти повеќе во однос на тој период лани, а вкупниот капител на друштвата на крајот на септември изнесува 5,2 милијарди денари и е за 4,5 пати над потребното ниво на маргината на солветност.
Директорот на Агенција за супервизија на осигурувањето Климе Попоски посочувајќи на резултатите во осигурителниот сектор, рече дека има голем неискористен поенцијал за развој на осигурувањето.
Според него една од причините за ова лежи во тоа што значаен дел од осигурителните продукти се од задолжителен карактер, но и појавата на нови ризици кои произлегуваат од динамиката на промени во глобалната економија и кои се појавуваат првпат и нудат нови можности за осигурителниот сектор.
„Резултатите од истражувањето на глобалниот сектор покажуваат дека во прворанигираните ризици се репутациски, ризици од бавното економско закрепнување на економија, регулаторни промени, зајакната конкуренција, неуспех да се привлечат или задржат врвни таленти, прекин на работа, сајбер ризици и неуспех во пресретнување на потребите на потрошувачите“, рече Попоски.
Како сегмент кој ќе се развива на осигурителниот пазар во Македонија е и банка осигурувањето, на што посочи гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов.
Тој истакна дека досега дозвола за продажба на осигурителни продукти имаат добиено три банки и оти бруто полисираните премии преку банките се се уште на ниско ниво и учествуваат само со 0,6 проценти во вкупните полисирани премии на осигурителните друштва.
„Кредитите кои содржат компонента на осигурителна заштита се незначителни и учествуваат со еден отсто во кредитната изложеност на банките кон физичките лица“, рече Богов и додаде дека во некои земји на ЕУ, како Шпанија, Португалија, Италија и Франција тој процент е над 60, во Велика Британија и Германија е до 20 проценти, а во новите земји членки на ЕУ е меѓу 15 и 20 проценти и е во постојан раст.
Богов потенцира дека во иднина ќе се зголемува износот на кредити кои ќе содржат компоненти на осигурителна заштита, како и уделот на банките во продажбата на полиси.