Ставрески: Раст на осигурувањата во земјоделството од 63 отсто

Расте бројот на издадени полиси за осигурување во земјоделството. Податоците покажуваат дека земјоделците имаат склучено 3.784 договори за осигурување на своите посеви, на кои пак Владата им покрива 60 проценти од трошоците.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска по повод Денот на осигурувањето, рече дека осигурувањето во земјоделството годинава бележи раст од 63 проценти во однос на претходната година.

„Почнувајќи од 2008 година Владата воведе мерка за помош за премии за осигурување за примарното земјоделското производство, природни непогоди и неповолни климатски настани. Бројот на склучени договори континуирано расте. По почетните проблеми од 2008 година кога имавме само 146 барања, денеска веќе во 2015 нивниот број е 3.784 склучени договори, а бруто полисираната премија изнесува 181 милиони денари односно бележи пораст од 63 проценти во однос на минатата година“, истакна министерот за финансии.

Тој најави дека се работи и на нов производ за земјоделците заедно со Европа Ре и оти очекува во блиска иднина да стане реалност.

„Со оглед на состојбите во земјоделството и високите суми што секоја година се издвојуваат за обештетување на земјоделците од страна на Владата, со Европа Ре сме во преговори за воведување нов производ со кој државата ќе ги осигура од град и поплава земјоделските посеви на територијата на цела држава. Еден уникатен производ кој очекуваме во блиска иднина да стане реалност“, рече Ставрески.

Тој додаде дека Владата е приклучи на кон регионалниот проект на Светска банка за креирање нов систем на осигурување и реосигурување и оти заедно со Србија и Албанија се вложени 5 милиони американски долари во специјализирана регионална компанија за реосигурување ризици од катастрофи. Како што рече, компанијата од април 2014 година започна со продажба на уникатно индексирано земјоделско осигурување за пченица и јачмен, а од февруари годинава и за пченка и винско грозје. Појасни дека индексираното осигурување нуди ефикасна заштита на земјоделските посеви од сите временски непогоди како суша, поплава, мраз, поројни врнежио и град. Главната карактеристика на ова осигурување е автоматска исплата на штетата, без теренска проценка.