Кривична за двајца кичевчани поради приредување игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „приредување игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган“, полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против А.К. (28) и Р.Ф.(54), двајцата од Кичево. Со пријавата опфатен е и правниот субјект „Балкан-Бет“ од Кичево.

Во периодот јуни-август оваа година, пријавениот А.К. во својство на вработен во спортска обложувалница „Балкан-Бет“ и Р.Ф. во својство на сопственик на деловен простор „Ројал“ каде е сместена спортската обложувалница, со намера да се стекнат со против-правна имотна корист, неовластено организирале и приредувале игри на среќа без да поседуваат лиценца од Министерството за финансии на Република Македонија.

Тие, работеле спротивно на Законот за игри на среќа и забавни игри што било констатирано при извршен инспекциски надзор од страна на даночни инспектори при УЈП-Тетово во содејство со полициски инспектори.

Од извршената контрола, поради сомнение дека се користеле во вршењето на нелегалната дејност, од спортската обложувалница одземени се пет телевизори, два монитори, принтери, ласерски читачи и друга компјутерска опрема.