Во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и општина Охрид, денеска се одржа инфо- ден како дел од новата промотивна кампања за користење средства од програмата „Еразмус плус“. Претставниците од Локалната самоуправа, образовните институции, невладиниот сектор и спортските клубови и асоцијации беа запознати со можностите што ги нуди програмата на Европската унија за образование, обука, млади и спорт „Еразмус плус“ и за начините за аплицирање и користење финансиска поддршка за разни проекти.
„Во името на Локалната самоуправа изразувам благодарност до претставниците на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност кои дојдоа во Охрид , директно да ги запознаат заинтересираните институции како можат да користат средства од програмата „ Еразмус плус“ . Некои од нашите образовни институции аплицираа со проекти и користеа средства од оваа програма, но тоа е малку во споредба со она што го нуди програмата. Затоа ги охрабрувам и другите субјекти да аплицираат, зошто очигледно е дека има доволно средства, но недостасуваат добри проекти“- рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Целта на програмата, како што беше речено на презентацијата, е да се зајакнат вештините и можностите за вработување, модернизација на образованието, обука и младинска работа, како и обезбедување на услови за стекнување нови искуства.
„Програмата „ Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во програми во други држави за учење, работа, да посетуваат предавања или да се обучуваат и развиваат професионални вештини и компетиции.За оваа година за Република Македонија беа одобрени 3,7 милиони евра, а за 2016 година очекуваме преку оваа програма да се одобрат 4,7 милиони евра“ – рече Снежана Симоноска од Секторот за млади при Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
На презентацијата беа охрабрени сите учесници да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновации и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови активности.