Директорот на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, Мајкл О’саливан и директорот на Бирото за развој на образованието на Република Македонија, Весна Хорватовиќ, во присуство на министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска потпишаа договор за соработка во областа на адаптацијата на наставните програми по математика и предмети од природните науки за учениците во основно образование од седмо до деветто одделение. Во оваа прилика Адеми истакна дека една од најголемите реформи во образованиот систем во Република Македонија, е имплементација на наставните програми подготвени од Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ. Наставата по „математика“ и „природни науки“ , која започна во 2013 година, успешно се реализира од прво до шесто одделение, и дава исклучително позитивни резултати.
„Денска таа соработка овозможува во целост да го заокружиме процесот во основното образование, преку потпишување на нов договор, кој предвидува преминување на следното имплементациско ниво на реформата, односно воведување на наставни програми по „математика“ и „природни науки“ за учениците од седмо до деветто одделение, кое ќе започне во учебната 2016/2017 година“, рече Адеми.
Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука, во 2013 година го потпишаа првиот договор за соработка со Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ, по што оваа крупна реформа прифатена од 160 земји и над 9 000 училишта, се имплементираше и во Македонија со воведување на новите наставните програми по „математика“ и “природни науки“ на национално ниво, првично за учениците од прво до трето одделение, а во следната фаза и за учениците од четврто до шесто одделение.
„Значењето на оваа реформа, е што со нејзиното имплементирање се воведува поголема интеракција во наставата, се развива самодовербата и критичкото мислење кај учениците, со што тие сами успеваат да дојдат до заклучоци и решенија на поставените задачи. Наставните програми и учебниците адаптирани на нашите национални особености и публикувани на македонски, албански, турски и српски јазик, се алатка која им помага на наставниците да ги насочуваат децата на логичко размислување. Како и наставниците кои предаваат од прво до шесто одделение, обука за успешна реализација на програмите по „математика“ и „природни науки“, ќе поминат и нивните колеги кои по Кембриџ програмата од наредната учебна година ќе им предаваат на учениците во седмо, осмо и деветто одделение“, рече Адеми.
Заблагодарувајќи му се за соработката на директорот на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, Адеми рече дека со воведувањето на оваа реформа во образованиот систем, им се даде шанса на нашите ученици да учат по истите наставни програми и учебници по предметите „математика“ и „природни науки“ како и нивните врсници од Велика Британија.