Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес конференција, на која истакна:
„Социјалдемократскиот сојуз, како политичка партија, располага со огромна документација, сопственост на Република Македонија, од којашто произлегува дека во Македонија се одвивала масовна операција на нелегално прислушување од гигантски размери.
До Јавното обвинителство, во петокот, како што информиравме, беа поднесени дел од доказите за оваа операција, дел ќе бидат поднесени во понатамошната постапка, а комплетно, `се што поседуваме, ќе биде доставено до соодветните државни органи штом се исполнат условите за разграничување на судската од извршната власт. Станува збор за разговори, повеќе од 100 илјади во транскрипти, повеќе од 18 илјади СМС пораки во транскрипти, повеќе од 12 илјади различни телефонски броеви, од прислушувањето што го правела власта на над 20 илјади граѓани на Република Македонија!
Денеска, ќе презентираме дел од доказите, што ќе потврдат кој следел и прислушувал во Република Македонија и како го правеле тоа.
Почитувани граѓани,
Материјалите што денеска ќе ги споделиме со јавноста во Македонија, ќе го потврдат она што го говориме од самиот почеток.
Податоците за нелегалното прислушување потекнуваат од постоечкиот систем за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР на Република Македонија.
Какви странски служби, какви комбиња, каква шпиунажа, или пучови!
Сашо Мијалков и Никола Груевски со години неовластено прислушувале граѓани во Република Македонија!
Еве на кои начини се воделе евиденциите од прислушувањето од страна на власта.
Еден вид на доказните материјали се изработени во EXCELL програма во материјали што потекнуваат од системот за контрола на комуникации во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР. Станува збор за материјал од над 10.000 страници. Овие докази не можат да бидат третирани како класифицирани информации, бидејки се работи за неовластено прислушување и за злоупотреба на опремата за следење на комункации за лични и партиски цели.
Постојат два вида евиденции во EXCELL.
Можете да видите на Видео бимот, во овие EXCELL табели е водена евиденција на следените и прислушуваните лица според нивните телефонски броеви. Во документите овие лица се водени под определна шифра. Наведени се нивните телефонски броеви. Наведени се имињата на операторите задолжени за следење на комуникацијата, внимавајте, станува збор за вработени во МВР! Секако тоа не можеме да го објавиме поради заштита на нивниот идентитет, но е доставено до Јавното обвинителство. Лицата што се следени се водени под псевдоними.
На пример, претседателот на СДСМ, јас, сум воден под псевдонимот DS ZEKO.
Поранешниот претседател на државата и поранешен претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски е воден под псевдонимот KRST.
Најверниот извршител на валканите, криминални активности на Никола Груевски, Миле Јанакиески е воден под псевдонимот ТUTIN.
Послушничката на Груевски во Парламентот, Силвана Бонева е водена под псевдоним BOSIL.
Најголемиот полтрон на Груевски во медиумскиот простор, главниот и одговорен уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ Латас е воден под псевдонимот ТALAS.
Владо Бучковски е воден под псевдонимот NDS BUVA.
Овде ќе препознаете и други личности од раководството на опозицијата, од политичкиот и јавниот живот.
Во овие табели постои и графа Опис, во којашто, како што може да се види, главно се наведени адреси.
Ќе ви поделиме примероци од ова што презентираме.
Постои и друг вид евидентирање во EXCELL. Тука, како што можете да видите на Видео бимот, се наведени лицата кои се таргет на УБК и на Груевски, преку шифрите според коишто ги води УБК, како и транскрипти од нивните прислушувани разговори, во ЕXCELL табели. Аудио снимките од нелегално прислушуваните разговори биле преточувани во симнат пишан материјал – транскрипти. Гледате дека во изборот за денешната прес конференција во едниот дел од доказите преку ексел табели издвоивме докази за следење на албански политичари и личности од јавниот живот, а во другиот ексел се издвоени политичари од македонскиот политички живот и други личности од јавниот живот.
Другиот вид доказен материјал се докази од фазата на репродукција од системот за следење на комуникации при УБК на МВР.
Системот на контрола на комуникациите при МВР на Република Македонија има безбедносен протокол: предлог, одобрување, реализација, функционалност и престанок. Самиот систем на контрола на комуникациите при МВР на Република Македонија има неколку фази: таргетирање, мапирање, филтрирање, експлоатација, репродукција, анализа, трансфер итн.
Станува збор за доказен материјал од фазата репродукција на вкупно 1595 страници. Фазата на репродукција од системот за следење на комуникациите опфаќа формулирање транскрипти од аудио снимки и анализа. Овие материјали докажуваат класична злоупотреба на системот за следење на комуникации, што постои во УБК, со цел следење на комуникациите на опозицијата и критички настроената јавност.
Ќе можете да погледнете примери од овие транскрипти, кадешто детално се опишани телефонски разговори на таргетираните лица од страна на УБК и анализи на разговорите што ги водат.
Станува збор за незаконско следење од страна на власта, со години, на опозицијата, на критичката јавност, невладини организации, граѓански здруженија, поединци, но и академската заедница, верските заедници… како што веќе информиравме.
Третиот вид докази се околу 400-тини аудио записи, веќе објавени на прес конференциите. Од овие материјали може да се утврди дека се следени и прислушувани лица чии комуникации никогаш не биле предмет на законско следење.
Јас најавив дека освен објавени аудио снимки, до Јавното обвинителство доставивме и 13 необјавени аудио разговори. Денеска ќе имате можност да ги слушнете тие разговори, што следуваат во продолжение.
Од овие разговори, почитувани граѓани, ќе се уверите што `се Јанкулоска и Мијалков правеле за со закон да се заштитат за оваа монструозна операција на влегување во приватните животи на илјадници граѓани во Република Македонија.
Тука ќе слушнете најдиректно признание од Гордана Јанкулоска, дека со опремата во МВР може да се лоцира кој сакаат телефонски број. Ова Јанкулоска му го признава на портпаролот Котевски, кој нарачува кај неговата шефица едно такво следење, а го потврдува и Сашо Мијалков во неговото договарање со сопственикот на Канал 5 телевизија, Емил Стојменов.
Ќе слушнете повеќе разговори помеѓу Гордана Јанкулоска и Трајко Вељаноски и Јанкулоска и директорот на УБК, Сашо Мијалков, како законски обезбедуваат во УБК да не може да влезе без најава собраниската Комисија задолжена за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање. Тоа е истата таа комисија којашто никогаш не успеја да влезе во УБК, затоа што Јанкулоска така го менаџирала тоа – ќе го слушнете и ова нејзино признание.
Ќе слушнете и директно од директорот на УБК, Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски, колку стотици лица бара Мијалков за УБК, затоа што оперативата била зголемена, дека тие лица мора да се обучат за ракување со опремата од Израел, за којашто веќе објавивме на кој начин ја донел во Македонија Мијалков и какви провизии земал.
Денеска ќе се потврди што била крајната цел на таа опрема во “суштества“ како што ја нарекува самиот Мијалков. Најголем дел од разговорите се случуваат кога по предлог на Европската Унија, власта треба заедно со опозицијата да го донесе Законот за следење на комуникациите. Станува збор за септември 2012 година.
Сето ова докажува дека ниту имало странски служби, ниту тактички опреми, ниту жолти комбиња што прислушувале. Исто така ова докажува дека ниту Заев, ниту Верушевски можел да влезе во системот и во толкав обем да прави прислушување на граѓани на Република Македонија. Ова е возможно само од страна на државните институции, со опремата што само државата ја поседува и конектирано со телефонските оператори.
Каде е дозволено премиер да ја лаже јавноста дека странски служби го прислушуваат народот во Македонија и на крајот, зошто? За да бараат тие служби техничка влада и предвремени избори?!
Сега почитувани граѓани, почитувани претставници на меѓународната заедница, јасно ли е зошто собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање не може да биде дел од решението на овој огромен скандал со прислушувањето во Република Македонија?! Ниту пак каква било анкетна комисија би дала резултат за разрешување на кризата!
Ова е скандал што ја надминува и американската афера Watergate. Таму падна оставка од американскиот претседател Никсон, додека во Македонија босовите Груевски и Мијалков и по три месеца од отворањето на аферата, како крлержи се зграпчени за фотељите што им обезбедуваат пари и моќ.
Ова зло мора да прекине.
Ова зло да не дозволиме повеќе да се повтори во Република Македонија.
Продолжуваме…“ рече Заев.
Извор: www.sdsm.org.mk