Царинските службеници на граничниот премин Деве Баир, синоќа (04.11.2015 г.) по полноќ спречија обид за шверц на 10 илјади парчиња таблети АМИНАЛОН (200 кутии по 50 таблети). Лековите се пронајдени во торбите и куферите на македонски државјанин, патник во автобус кој сообраќа на редовна линија Софија-Скопје, пријавен за влез во државата.
Ова е седми спречен обид за криумчарење и нелегално внесување на лекови и медицински препарати во Република Македонија, откриен од Царинската управа во последните три месеци, при што се одземени околу 2750 пакувања лекови и медицински препарати.
Во сите случаи освен еден, против прекршителите се отпочнати прекршочни постапки, а бидејќи станува збор за криумчарени лекови, Царинската управа истите веднаш ги одзема и предава на Агенцијата за управување со одземен имот за уништување.
Поконкретно, на 06.10.2015 г. на граничниот премин Блаце беше спречен шверц на 2.471 парчиња разни лекови: Stugeron 75 mg, Propranolol, Thrombo ASS 100 mg, Epanutin 100 mg, Flixonase, Micardis Plus 80 mg, Xanax 0.25 mg, Aldizem 90 mg, Aciklovir 200 mg, Tocopherol и други. Лековите беа откриени при контрола на косовски автомобил, со кој за влез во државата се пријавиле двајца косовски државјани. Истите биле спакувани во три картонски кутии, сместени во багажникот на возилото.
На 11.10.2015 година,при контрола на патничко возило со германски привремени таблички, управувано од германски државјанин со регулиран привремен престој во Скопје, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. мобилните царински тимови, открија 68 кутии разни лекови (LETENSIN, NIGERSAN, NOTAKEHL, PINIKEHL, EXMYKEHL D5, MICOKEHL и др.). Лековите биле сместени во патна торба во багажникот на возилото и сокриени во просторот за резервна гума. Во овој случај против пријавениот беше поднесена кривична пријава за сторено кривично дело “Криумчарење”.
На истиот граничен премин, на 03.10.2015 г.,во македонски автомобил, управуван од македонски државјанин и пријавен за влез во државата, во ќеси сокриени под возачкото и на совозачкото седиште, царинските службеници открија додатоци во исхраната итоа 100 паковки по 20 таблети Ce Sum Leta, Fero Sum Leta, Cink Sum Leta и Selen Sum Leta и 10 опаковки по 24 таблети Api Sept, Непријавените лекови се пронајдени.
Претходно, во август и септември 2015 година, откриени се три обиди за криумчарење на лекови и тоа:
*на граничниот премин Богородица на 28.09.2015 г. кога се откриени 52 кутија (442 таблети) различни лекови: COAPROVEL, LASIX, XANAX, DAFLON, PLAVIX, DEPON и др., при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата. Лековите се пронајдени во пластична кеса, сместена во багажниот простор на возилото, под повеќе кеси и торби со лични работи на возачот. Стоката е привремено задржана, а против лицето ќе биде поведена соодветна постапка.
*на граничниот премин Деве Баир на 21.08.2015 г., каде царинските службеници открија 17 пакувања суплементи Jack3d, GOLD STANDARD, C4 EXTREME и PRE-PLATINIUM, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Лековите биле сокриени во патен ранец, сместен на задното седиште на возилото.
*на граничниот премин Блаце на 20.08.2015 г., при детална контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, царинските службеници открија 33 пакувања лекови и тоа сируп 18 шишиња Antihistaminik SIPRAKTIN од 240 ml (2mg/5ml) и 15 пакувања од 20 таблети (вкупно 300 таблети) Dexamethasone DEKORT 0.50 mg со косовски маркици (бандероли).
Инаку, последниот поинтересен случај кој беше откриен неодамна е пратка од 765 парчиња различни видови на лекови со потекло од Индија, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Аеродром Скопје – стоково царинење на 06.10.2015 година од страна на фирма од Скопје.
При физичка проверка, царинските службеници утврдиле дека врз оригиналното фабричко пакување на лековите бил втиснат нов бач број, датум на производство и нов рок на важност и воопшто немало сериски број, но и на самите лекови, оригиналната етикета била видливо отстранета и била заплепена нова етикета.
За пратката уредно биле приложени сите документи потребни за нивен увоз во Република Македонија, вклучително и одобрение издадено од Агенцијата за лекови, но поради сомневање во квалитетот, царинските службеници се обратиле до Агенцијата за лекови.
На 09.10.2015 година, примероци од пратката беа предадена на Агенцијата за лекови, каде сеуште се во тек детални проверки и испитувања на тоа дали лековите се со соодветен квалитет и дали станува збор за фалсификати и се додека не се добијат конечните резултати, пратката нема да биде оцаринета и пуштена во слободен промет.