Кампањата „Денови на доживотно учење“ – 2015 , која има цел да го промовира концептот на доживотно учење, како учење и образование кое се стекнува во текот на целиот живот, независно од возраста, полот и етничката припадност, денеска по 12. пат беше отворена во Конгресниот центар на Скопски саем во организација на Центарот за доживотно учење подржани од ЈУ Центар за образование на возрасни. Преку програма, од различни провајдери, до сега се вработени околу 300 граѓани.
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми во своето излагање истакна дека преку овие кампањи се насочува вниманието на јавноста кон значењето и улогата на учењето и се влијае врз подигнувањето на свеста на граѓаните.
„Доживотното учење претставува моќна алатка за намалување на невработеноста, градењето на културата на учење и општество базирано на знаење. Со желба Македонија да оди во чекор со европските трендови манифестацијата „Денови на доживотно учење“ почна да се реализира во 2002 година и веќе е традиција. Во рамки на оваа манифестација секоја година се организира програма составена од различни настани како конференции, работилници, културни случувања“…, истакна Адеми.
Потсети дека во текот на 2014-2015 година Министерството верифицирало над 80 програми за реализирање на програмите за образование на возрасни во разни установи, институции, компании, што укажува, како што рече, на големото значење и внимание кое Владата на РМ и МОН го посветуваат на образованието на возрасните.
Целта на оваа кампања, според директорката на ЈУ Центар за образование на возрасни Линдита Ќазими , е да се зацврсти културата на учењето кај возрасните како и да се зголеми бројт на возрасните кои ги следат овие програми.
„Центарот за образование на возрасни на граѓаните им овозможува на систематски и квалитетен начин да се здобијат со нови знаење и вештини. Тоа се прави со подготовка на нови програми преку кои тие ќе добијат професионални квалификации“, истакна Ќазими.
Информира дека Центарот до сега се верифицирал 133 прогарами за возрасни за 59 провајдери низ целата држава. Појасни дека програмите се од различни струки, како што рече, базирани од потребите на пазарот на трудот. Преку проектот, од почетокот на годината до сега биле обучени 175 лица.
Деновите на доживотно учење претставуваат национална образовна кампања која има за цел да го поттикне остварувањето на идејата за промоција на учењето и образованието. Доживотното учење се однесува на учење за време на целиот живот заради унапредување на знаењето, вештините и компетенциите во рамки на личното, граѓанското, општественото или професионалното делување на поединецот.