ОУ „Братство Единство” ја продолжува традицијата на подготовка на ашуре

Ученици и наставници од трите наставни јазици, денеска во просториите на ОУ „Братство Единство”, го подготвуваа најстариот десерт во историјата- ашурето. Мотото на денешната активност, која во училиштето веќе станува традиција, беше „Богатството е во различностите”.

„На почетокот на оваа учебна година, нашето училиште го доби знамето за модел училиште од страна на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието. Ова знаме е потврда за заслугите на ОУ „Братство Единство” во беспрекорната имплементација на Проектот, но и морална обврска на сите вработени да го продолжат патот на промоција на мултиетничките вредности и одржлива интеграција. За таа цел, ние продолжуваме со активностите кои ги зближуваат учениците од различни етникуми, како денешната подготовка на ашуре која се издигна на ниво на традиција. Токму ашурето ја има симболиката на солидарност, споделување и заедништво – вредности кои треба да ги поседува секој човек”– истакна Фахрие Реџеп, одделенски наставник и дел од училишниот тим за меѓуетничка интеграција. 

Инаку, ашурето е традиционален турски десерт кој покрај тоа што е многу вкусен, изобилува со хранливи материи.