Едногласна поддршка од ЦО на СДСМ за кадровските решенија за министри и заменици министри

Централниот одбор на СДСМ вечерва едногласно даде поддршка на претседателот на СДСМ, Зоран Заев и на раководството на СДСМ за успешно воден преговарачки процес за реализација на Договорот од 2 јуни / 15 јули.

Централниот одбор на СДСМ едногласно ги поддржа сите номинации за министри и заменици министри: Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Фросина Ременски за министерка за труд и социјална политика, Александар Кирацовски за заменик министер за информатичко општество и администрација, Кире Наумов за заменик министер за финансии и Љупчо Николовски за заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Јасно е за сите, влегуваме во Владата исклучиво како коректив на власта, со цел да обезбедиме гаранции за фер и демократски избори во интерес на граѓаните и на Република Македонија“, рече претседателот Заев.

Седницата на Централниот одбор на СДСМ помина во исклучително позитивна атмосфера. Во сите дискусии е поздравено остварувањето на зацртаните цели на партијата и е изразена цврста одлучност за нивно натамошно интезивирање до конечна и целосна нормализација на државата.

Централниот одбор на СДСМ вечерва едногласно избра и шеф на Изборниот штаб на СДСМ. Шеф на Изборниот штаб ќе биде потпретседателот Дамјан Манчевски.