Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ја поздравува искажаната волја од страна на лидерите на политичките партии и постигнатата согласност, во насока на имплементирање на Договорот од 2 јуни и Протоколот од 15 јули.
Во интерес на граѓаните на Република Македонија, претседателот Иванов повикува договорените решенија да бидат доследно спроведени, и што е можно поскоро сите политички актери целосно да се посветат на европската и евроатлантската агенда на Република Македонија, како наша врвна стратегиска цел.
Резултатот од разговорите на лидерските средби е уште еден доказ дека дијалогот е единствениот начин преку кој можат да се надминат сите предизвици и сите отворени прашања, потсетува претседателот Иванов.
Сите треба да извлечеме поука од оваа епизода и во иднина сите предизвици да ги надминуваме со политички дијалог во институциите на системот, со целосно и безусловно нивно почитување.