Француска продукциска куќа најави можност да снима нов филм во Република Македонија

Во рамките на престојот во Париз, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска оствари и средба со раководствата на реномирани компании за филмска продукција од Франција и од Велика Британија со кои разговараше за можностите за снимање филмски проекти во Република Македонија. На средбата беа присутни извршните директори на филмската продукција „2017“, која е со седиште во Лион, и на „М дигитал“ од Лондон, кои изразија подготвеност своите следни филмски проекти да ги снимаат токму во Република Македонија.

На средбата министерката за култура информираше за заложбите на Владата на Република Македонија во областа на филмската дејност и за измените на Законот за филмска дејност со кој значително е олеснета соработката со странските продукциски куќи кои веќе се заинтересирани да снимаат во Република Македонија.

Од француската продукција потврдија дека на 17 ноември ќе ја посетат Република Македонија каде што ќе остварат средби со институции и филмски работници од областа на филмската дејност. За време на престојот ќе посетат повеќе места за да се запознаат со локациските потенцијали и природните ресурси што ги поседува Република Македонија за снимање вакви големи филмски проекти. Продуцентите од Франција изразија интерес и за проектот за изградба на филмско студио, за кое веќе е обезбедена локација во општина Зелениково.