МВР презема интензивни мерки и активности за откривање на сторителите кои извршија оштетување во Крива Паланка

СВР Куманово во содејство со Основното јавно обвинителство превзема интензивни мерки и активности за целосно расчистување на настанот и откривање на сторителите кои вчера (06.11.) извршија оштетување на приватна куќа во централното градско подрачје на ул.„Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.

Имено во текот на вчерашниот ден во периодот од 13,30 до 14,30 часот, во Крива Паланка се одржа најавен протест на граѓаните од Крива Паланка поради отворање на објект наменет за верски обреди. На протестот присуствуваа околу 1.200 граѓани и истиот помина без нарушување на јавниот ред и мир.

Истиот ден, околу 18,30 часот, кога во објектот немало никој, од засега непознати сторители било извршено оштетување на истиот. Од страна на увидната екипа од ПС од ОН Крива Паланка веднаш е излезено на местото на настанот и по овластување на Јавниот обвинител извршен е увид, при што е констатирано дека е направено оштетување на осум прозорски стакла и на дел од инвентарот во куќата.

Од страна на полициските службеници превземени се сите оперативно тактички мерки при што е извршен преглед на пошироката околина и прибавени се сознанија од извршено анкетирање на околу 40 лица кои живеат и работат во околината на местото на настанот.