Објавен е новиот оглас за доделување стипендии за Академијата за менаџери. Очекуваме до 16-ти ноември да аплицираат лицата кои се заинтересирани за модулот за менаџирање, а до 23-ти ноември за модулот за работа со финасии, изјави заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
„Годинава повторно доделуваме 40 стипендии од кои 15 за модулот за системско менаџирање, 15 во делот на претприемништвото и 10 во рамки на модулот за анализа на финансиите. Верувам дека и оваа година, како и минатите, ќе има огромен интерес и повторно ќе бидат искористени сите стипендии кои ги доделува Министерството за образование и наука во соработка со Академијата. Апелирам сите заинтересирани граѓани од јавниот и приватниот сектор да аплицираат за да ги добијат овие средства во висина од 30.000 денари“, истакна Ристовски.
Заменик министерот потсети дека огласот се објавува четврта година по ред и дека досега се доделени 120 полни стипендии, односно финансиски субвенции во висина од 500 евра за лица вработени во јавен и приватен сектор кои работат на одговорни менаџерски позиции.
„Овие модули овозможуваат нивна доквалификација и подготовка за поцелосен и поуспешен менаџмент на активностите. Врз основа на она што го имаме како размена со Сити Колеџот од Солун кој е дел од Универзитетот Шефилд, од каде доаѓаат најголем дел од предавачите во текот на викендот, констатирано е дека лицата кои ги поминале модулите имаат многу поцелосна и попрактична применливост на она што е стекнато како знаење во делот на секојдневното функционирање, посебно во приватниот сектор“, рече Ристовски, потенцирајќи дека некои од менаџерите кои претходно биле дел од оваа Академија сега се предавачи и ги пренесуваат своите искуства.
Ристовски напомена дека за добивање на стипендијата нема посебни привилегии, единствено кандидатите треба да работат во областа за која што е деклариран модулот, односно да се дел од системот на менаџмент, претприемништво и финасии во приватниот и јавниот сектор.
„Приоритет при изборот за доделување стипендија ќе имаат оние кои имаат најамбициозен план и визија за она што треба да произлезе како краен аутпут од стипендиите“, потенцира Ристовски.
Заменик министерот денеска изврши увид во градежните активности за изградба на новиот објект на основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во општина Кисела Вода .
„Пред неполни два месеца бевме тука на поставувањето камен-темелник на овој објект, а денеска можам да констатирам дека се изведува со одлична динамика. Како што ме извести раководителот на компанијата изведувач на објектот, речиси 40 проценти од крупните градежни активности се во завршна фаза. Доколку послужат временските прилики, очекувам во наредниот период да се продолжи да се работи со зголемен интензитет и при крајот на 2016 година училиштето комплетно да биде завршено“, изјави Ристовски., додавајќи дека училиштето се гради со средства од Министерството за образование и наука во износ од 75 милиони денари.