Со силен аплауз и овации синоќа на сцената на Македонскиот народен театар беше поздравен грандиозниот танцов спектакл „Конфуциј“ во изведба на Националната опера и Театарот за танцова драма од Народна Република Кина.
Изведбата на претставата беше проследена од голем број претставници на дипломатскиот кор во нашата земја, меѓу кои министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, амбасадорот на Народна Република Кина Вен Жен Шун, голем број уметници и љубители на театарот и танцот.
На сцената продефилираа околу седумдесетина актери кои пленуваа со маркантноста на костимите и уникатната сценографија и комплетно ја доловија сликата за светот и времето во кое живеел „Големиот прв учител“ – Конфуциј.
Како што посочи министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска на вчерашната прес–конференција, ова гостување на Театарот за танцова драма е дел од големата турнеја на овие ансамбли и е резултат на посетата на делегацијата на менаџери и уметнички директори на најзначајните кинески културни институции кои беа наши гости минатата година и со кои разменивме мислења и идеи во насока на унапредување на културните врски меѓу двете пријателски земји.
Ова гостување претставува и потврда дека Република Македонбија и Народна Република Кина негуваат одлични релации во областа на културата кои се подвлечени и со Извршната програма за културна соработка, која беше потпишана при посетата на министерката за култура Канческа–Милевска на оваа земја во 2011 година.