Пријави за повеќе кривични дела за двете лица одговорни за вчерашниот инцидент во Клиничкиот центар во Скопје

СВР Скопје до надлежното Основно Јавно Обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против И.Н.(34) од Скопје поради постоење основи на сомнение за извршени кривични дела „убиство во обид“ и „недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“ како и против А.К.Н.(36) исто така од Скопје, поради постоење основи на сомнение за извршени кривични дела „соизвршителство“, „насилство“ и „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“.

Кривичните дела, пријавените ги извршиле вчера (09.11.) околу 09,10 часот, во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје поточно во просториите на одделението за Дигестивна хирургија. Имено, откако завчера (08.11.) нивната мајка поради големи болки во пределот на стомакот од страна на И.Н. и А.К.Н. итно била однесена на одделението за дигестивна хирургија при КЦ „Мајка Тереза“ каде била примена од страна на оштетениот (кај кого претходно истата била пациент) тој им кажал дека ќе изврши оперативен зафат. По извршениот оперативниот зафат, за истото телефонски бил известен првопријавениот, а вчера од страна на медицинскиот персонал, по извршената утринска проверка на пациентите, било констатирано дека пациентката починала, за што биле известени двајцата пријавени.

Веднаш по дознавањето дека неговата мајка починала, И.Н. од дома го земал пиштолот и се упатил кон клинички центар „Мајка Тереза“ каде што на влезот во ургентен центар се сретнал со неговиот брат А.К.Н. и заедно се упатиле на одделението за дигестивна хирургија. Првопријавениот поминал покрај обезбедувањето и влегол на одделението, а неговиот брат откако бил сопрен на вториот спрат од вработениот во обезбедувањето, го удрил со тупаници неколку пати по што продолжил да се движи кон третиот спрат. И.Н. на пултот од влезот во одделението за дигестивна хирургија, од дежурната сестра побарал истата да му каже каде е докторот (оштетениот) и истата му кажала дека е на брифинг кај шефот на одделението. По кратко време докторот (оштетениот) се појавил во ходникот каде што бил приметен од страна на И.Н. кој му се обратил и побарал да разговара со него, по што заедно се упатиле во лекарската соба. Во истиот момент пристигнал и второпријавениот кој заедно со нив влегол во лекарската соба. Внатре без никакво предупредување, И.Н. од палтото го извадил пиштолот и испукал неколку проектили во правец према оштетениот, од кои со три проектили бил погоден во левата нога. По ова, И.Н. и А.К.Н. излегле во ходникот и почнале да викаат и да им се закануваат на присутниот медицински персонал, дека ќе пукаат и кон нив и во еден момент второпријавениот од пултот земал работен стол–фотелја и истата ја фрлил најпрвин во стаклената врата која водела кон влезот на лекарската заедничка просторија, а потоа ја фрлил и кон стаклената врата од влезот према одделението за дигестивна хирургија, по што и двајцата се дале во бегство.

Од страна на полициски службеници од ЕПОИ-АЛФА како и од страна на полициски службеници од ПСОН „Центар“ пријавените биле забележани во КЦ „Мајка Тереза“ по што истите се лишени од слобода и задржани во полициска станица.

На местото на настанот, извршен е увид, од страна на увидна екипа при СВР – Скопје, а во присуство на дежурен јавен обвинител. Од местото на настанот биле подигнати траги и предмети, кои со потврда за привремено одземени предмети се одземени и предадени за анализа.

Во просториите на ПСОН „Кисела Вода“ бил извршен разговор со И.Н. и А.К.Н. во кој во целост го појаснија начинот на извршувањето на горенаведените кривични дела. Инаку, второпријавениот е познат сторител на кривични дела и во претходниот период против истиот е поднесена една кривична пријава за извршени две кривични дела „тешка кражба“.