ЕУ додели 2 милиони евра за УНИЦЕФ за помош на децата бегалци и мигранти во Србија и Македонија

Секторот за хуманитарна помош и цивилна заштита на Европската комисија (ЕХО) додели 2 милиони евра на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) за помош на децата во движење во Србија и во Македонија.

Ова е прв финансиски придонес на ЕХО за работата на УНИЦЕФ со бегалците и мигрантите што се движат низ Европа.

Овие средства ќе помогнат УНИЦЕФ заедно со партнерите да одговори на потребите на децата бегалци и мигранти кои поминува низ овие две земји. Проектот ќе обезбеди 2 милиони евра за помош на 170.000 новороденчиња, деца и мајки преку обезбедување простории наменети за деца што ќе работат 24/7 во кои семејствата ќе можат да се одморат, да добијат прва помош и неопходна зимска облека, како што се ќебиња и облека за деца, како и да помогне во зајакнување на системите за заштита на децата. Исто така ќе биде обезбедена соодветна храна за деца на возраст помеѓу 0-24 месеци и совети за мајките што дојат за најдобрите практики во исхраната.

„Децата се заробени сред невидена и непредвидлива криза. Тие се во движење кон подобар живот во Европа. Сега кога демне зимата нивните потреби се поголеми од кога било. Ние не смееме да ги изневериме“, – изјави Мери-Пјер Поарие, специјален координатор за кризата на бегалците и мигрантите во Европа.

Генералниот директорат на Европската комисија за хуманитарна помош и цивилна заштита (ЕХО) обезбедува финансиска помош за настраданите од природни катастрофи и конфликти надвор од Европската унија. Помош се канализира непристрасно и директно до настраданите, без оглед на нивната раса, етничка припадност, религија, пол, возраст, национална или политичка припадност. ЕХО е меѓу најголемите хуманитарни донатори на УНИЦЕФ. Само во 2014 година, ЕХО даде над 85,3 милиони евра за проекти на УНИЦЕФ за поддршка на децата во светот.