Охрид добива најсовремен пливачки базен во Македонија и пошироко

Започна изградбата на затворениот базен во спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ во Охрид.

На отпочнувањето на градежните работи присуствуваа премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

„Се собравме денес тука за да го означиме почетокот на реализацијата на она што значеше децениски идеали на плејада охриѓани кои својата љувов кон градот, својата професионална кариера ја вложија во развојот на пливачките спортови, на ватерполот и на спортот воопшто, и со тоа дадоа значаен допринос во промоција на својот град насекаде во светот. Почнувајќи од Климентовецот и најголемиот хроничар на пливањето во Р.Македонија, проф. Леко Радиќ кој во 2013 година на чинот на доделување на Св.Климентовата награда токму за неговата посветеност кон развојот на пливачките спортови и едноставно и кратко на сите нас ни порача Ве молам изградете пливачки базен во Охрид. Па преку легендите на пливањето во Охрид Атина и Дики Бојаџи, Нико Нестор, Климе Савин кој верувам дека денес на небесата се радуваат заедно со нас, па се до сите оние спортски работници и охриѓани кои што својата младост или својата кариера ја поминаа на  пливачките патеки кај Големото или кај Малото пристаниште или кај отворениот пливачки базен или на маратонските стази во Езерото кои имаа еден деценски идеал да еден ден Охрид доби затворен пливачки базен.“– се обрати Бакрачески  пред присутните.

Како што рече градоначалникот, Охрид не добива само еден обичен базен, туку добива еден од најсовремените пливачки базени во Република Македонија и пошироко и во архитектонска смисла и во техничко технолошка смисла.

Инвестицијата чини 298 милиони денари, или околу пет милиони евра, а изградбата треба да заврши за 30 месеци. Изведувач на работите е Бауер БГ од Скопје.

„Стартот на работите на базенот верувам дека ќе го оствари вековниот сон на охриѓани и на генерации спортисти од Охрид кои сонуваа градот да има покриен базен. Целта е да се создадат нови генерации на пливачи кои ќе продолжат да пливаат по патеките на славаните охридски имиња од овој спорт. Убеден сум дека со реализацијата на овој капитален спортски објект кој беше по повеќе децениско барање на жителите на општинна Охрид и целиот овој регион ќе успееме реинкарнираме спортовите по кои што Охрид беше познат не само во Македонија, многу пошироко, а тоа се пливањето и ватерполото.“ – истакна директорот на АМС, Марјан Спасески.

Објектот ќе има два базени, фитнес клуб, продавница за спортска опрема, комерцијален и административен простор, кафетерија, спа и велнес центар и голем подземен магацински простор. Објектот ќе се гради по стандарди и технологија за градење базенски корита која досега не е применета на ниту еден ваков објект во Македонија, а ќе биде и енергетски ефикасен со инсталирана соларна опрема како и геотермални пумпи кои ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино.

„Изградбата на затворениот базен во Охрид е тема која долго време се провлекува низ охридската чаршија. Исклучително  ми е драго што денес почнуваме со изградба на еден од највредните и најубавите спортски објекти во Охрид. Објектот ќе овозможи сите млади спортисти и рекреативци кои сакаат да се занимаваат со пливање, ватерполо и други водни спортови да имаат место во текот на зимата, но и во текот на целата година ќе може да спортуваат и да се рекреираат.“ – истакна премиерот Груевски.

Груевски рече дека покрај спортскиот аспект, новиот базен со својот изглед ќе има и значајно уметничко и визуелно значење за самиот град и додаде дека ова ќе биде објект препознатлив за Охрид со кој што охриѓани ќе се гордеат.

WebOhrid